САД и Германија притискаат за брзо решение на прашањето за името, но до напредок тешко ќе дојде. За грчкото јавно мислење нема дилема дека македонскиот премиер Никола Груевски нема да попушти пред барањата за промена на уставното име. Директорот на грчката фондација за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП, Танос Докос, ексклузивно за Нетпрес вели дека периодов има зголемен интерес од западните центри на моќ за брзо решение на прашањето, но дека тоа нема да се случи како поради состојбата во Грција, така и поради непопустливоста на македонскиот премиер.
Нетпрес: Вие сметате дека најдоброто решение би било сложено име со географска одредница за вкупна употреба. Кои делови од позицијата на премиерот Груевски вие и поголемиот дел од грчкото јавното мислење ги сметате за нефлекисибилни ?
Т.Докос: Грчката перцепција е дека премиерот Груевски не е многу флексибилен, тој ја отфрла целата грчка преговарачка позиција за сложено име кое што ќе го вклучува терминот Македонија, со додавка Горна, Северна, Нова, што и да е, која што ќе се користи за сите употреби. Перцепцијата во Грција е дека премиерот Груевски игра на националистичката карта за домашни придобивки и по се изгледа дека нема да ја менува својата позиција.
За разлика од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, опозициската СДСМ во Грција се портретира како политичка опција која што би била пофлекисибилен соговорник за грчката страна. Докос смета дека е полесно да си пофлексибилен кога си во опозиција, но и дека никој не може да биде сигурен дали таквата флексибилност ќе се промени доколку се дојде до власта.
Нетпрес: Дали сметате дека опозициската партија СДСМ би била пофлекисиблен соговoрник со грчката страна и ако се земе в предвид дека тие и во минатото ја прифатија референцата поранешна југословенска Република Македонија, дали мислите дека би покажале таква флексибилност и во иднина ако владеат со земјата?
Т.Докос: Би било нереалистично да се очекува дека некоја партија што е во опозиција ќе ги има истите позиции за некои клучни прашања ако ги победат изборите и ако дојдат на валст. Вообичаено партиите се менуваат, а да се биде во опозиција е секогаш полесно за заземање на пофлексибилни позиции. Нашата желба е ако победи опозицијата да биде пофлексибилна, но вистината е дека не знаеме како ќе биде.
Тешката економска, политичка и социјална криза низ која што Грција минува речиси 6 години не остава оптимизам дека може да се дојде до решение, а просторот за меневар на секоја грчка влада е ограничен бидејќи дел од народот негативно ќе регира бидејќи тоа ќе го доживеат како продажба на националното прашање, вели Докос.
Т.Докос: Има и друга компликација, а тоа е што владата е коалициска, а партнерот Независни Грци имаат тврда позиција за прашањето за името. Тие всушност не ја прифаќаат диреткната преговарачка позиција на Грција во последните неколку години. Чинам дека ќе биде многу тешко да се постигне вистински напредок во следните месеци, па дури и години.
Нетпрес: Колку од овој притисок за решение е насочен кон спречување на растечкото руско влијание во регионот ?
Т.Докос: И тоа е еден од факторите, но не е централниот. Во последните месеци стана јасно дека постојат лимити на руската пенетрација во регионот и има работи што Москва може да ги прави, но сите знаеме дека клучевите на економскиот развој и политичката стабилност не се во Москва, туку во Брисел, Берлин и Вашингтон. Мислам дека иднината на балканските земји е во ЕУ и НАТО, не во Русија.
Докос смета дека мерките за градење доверба се позитивен момент што треба да продолжи и дека иако нема да ги реши проблемите, ќе ја зголеми комуникацијата и обидите за меѓусебно разбирање, а тоа вели тој, може само да помогне.