Медиумите и социјалните мрежи се огромна придобивка во денешницата и човештвото. Брзо и лесно се информираме, комуницираме без никаква пречка и може да изнесуваме свои ставови. Но имаат и една иритирачка страна, се (зло)употребуваат за да бидат одржани во живот компромитирани личности и им се дава вештачко значење. Еден од тие Љубчо Георгиевски кој од 2004 г., си има задача да и диши на ВМРО-ДПМНЕ во врат и одвнатре со влијание нанадвор да ја слабее позицијата на Република Македонија во билатералните спорови со Република Бугарија. Е сега не можам да негирам дека е тажно за македонскиот народ што има поранешен премиер кој е македонофоб и лобист за туѓи интереси, што дозволивме такво нешто кога конечно создадовме независна македонска држава. Среќната околност е што овој човек како политичар има влијание од 0,0001% сред гласачкото тело (искрено не знам како тоа не го гледаат тие што го употребуваат).
Минатата недела порталите пренесоа што кажал во утринската програма на бугарската ТВ, дека Република Македонија работела под српски диктат. И тоа не не изненадува бидејќи за Љубчо Георгиевски како човек со флуидна македонско-бугарско национална свест и бугарски лобист се што е автохтон македонски интерес ама кој не кореспондира со бугарскиот државен интерес е српски. Тоа е познато за сите проповедници на националистичката пропаганда од исток. Од она што прочитав што кажал во интервјуто дека тој всушност е ангажиран да ја пали бугарската јавност, граѓанството а тоа да биде оправдување на политичарите да бидат остри кон нас. Не е наивен, прилично е лукав за да знае како да ги подбуцне бугарските граѓани кон нас што претставува испробана тактика на низа бугарски политичари, јавни личности и така натаму. Тоа што јас очекувам да разберат неговите налогодавци и бугарските медиуми дека оружјето им е старо и истрошено, нели гледаат дека овој човек 20 години зборува исто ама нема никаков успех на теренот. Сменете ја бре тактиката! Пукате со расходована пушка, Георгиевски ни канцеларија не може да наполни со членови на неговата ѓоамити партија. Дури имам информации и дека во бугарското општество не е секаде омилен поради матното минато со корупциски скандали. Едноставно не ви користи веќе ова двојна личност освен да плука по македонскиот народ во кафанчиња блиски до ВМРО на Каракачанов.
Ајде една провокација од мене до новинарите од БТВ, дали при следно интервју со Љубчо, имате доблест да го објавите овој документ од 1995 г., како тогашниот македонски патриот а сега бугарски патриот се бореше за националното знаме, знамето од Кутлеш да остане?
За моралот на Георгиевски одамна нема што да се каже, тој ја обвинува нашата власт за додворување на Белград, а тој тоа го прави со Софија децении наназад! Значи неговата перцепција е изместена толку е самоуверен што не се труди нешто да замаскира, да биде поубедлив. Да спомнеме дека и во Македонија не слушнав новинар да го праша бившиот војвода дали просрпското однесување е ако кажеш дека со Република Србија немаме отворено прашање, дека македонското малцинство ужива права таму, дека официјално се признава македонскиот јазик, култура и нација? И дали антибугарски став е ако кажеме дека историјата ни се проблематизира за влез во ЕУ од страна на источниот сосед, какви проблеми имаат Македонците таму, какви заклучоци донел до сега Советот на Европа. Не, ама Георгиевски е толкав македономрзец што тој тоа не сака да го види.
Пак да се навратам околу медиумите и како тие знаат да бидат манипулативни. Го канат на гостување овдешни новинари кои се проопозициски настроени затоа што знаат дека ќе удри по ВМРО-ДПМНЕ со традиционалното навраќање на периодот на создавањето на партијата. И на крај излегува дека Георгиевски има двојна намена: во Бугарија да го крева антимакедонскиот сентимент а во Македонија да го напаѓа ВМРО-ДПМНЕ. А ароганцијата му е толку голема што често ги провоцира македонските историчари на дебата со него, па кој примариус доктор ќе излезе на дебата со бајач лекар?!
Лично сум разочаран што надлежните институции кај нас никогаш не собраа сила барем да ги истражат наводите за корупција и криминал на бившиот премиер-евтин пропагандист. А и зошто нема постапка за одземање на државјанство, да се создадат некакви критериуми?! Се надевам дека мојот текст ќе допре до некој бугарски новинар при што сакам да истражат кој беше Георгиевски пред 25 години и кои му беа ставовите? И ако имаат малку доблест да го прикажат цел негов профил а не само тоа што тој го говори сега а ним им одговора.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес