Шефот на изборниот штаб од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во изјава за новинската агенција на албански јазик INA вели дека ќе достават десетици приговори до Државната изборна комисија (ДИК) за гласањето во Долнени, Пласница, Битола и во Кичево.
„Имаме чисти случаи на изборен фалсификат кој се случуваше од 19 часот до 21 часот. Токму во тој момент се прави несфатливата разлика во резултатите. Местењето придонесе во Долнени ДУИ да добие 2.200 гласа а ние само 200, во Пласница, резулатот е 2,000 за нив 100 за нас, што е надвор од умот. Има навистина многу вакви случаи. Ова се случуваше и во Кичево“, вели Таравари оспорувајќи ги неофицијалните резултати кои во четвртокот ги соопшти ДИК.
„Разликата е толкава што се коси со здравиот разум. Или на одредени избирачки места во Битола, каде има многу малку или воопшто нема гласачи Албанци а ДУИ има стотици гласови. ‘Силувањето’ на гласовите е практика која ДУИ ја повторува во секој изборен циклус. Тоа е знак за тоа колку сме далеку од демократија“, илустрираше гостиварскиот градоначалник Таравари.
Според поранешниот министер за здравство, доколку денеска се направи попис, ќе излезе дека има повеќе гласачи на ДУИ отколку луѓе што живеат во одредени места.