Актуелниот член на Државната изборна комисија (ДИК) Кренар Лога за министер за правда а инфектологот од Инфективната клиника, Фадиљ Цана за министер за здравство, е најновиот дел од договорот постигнат во неделата меѓу новите коалициони партнери во власта, а третата функција што ќе ја добие Алијанса за Албанците, најверојатно е заменик министер во ресорот труд и социјала, пренесе ТЕЛМА.
„СДСМ најверојатно ќе го отстапи и директорското место во УЈП. Од оваа партија, која го отстапува и министерството за правда, сметаат дека не губат ништо, затоа што отстапки ќе направат и помалите коалициони партнери, кои ќе дадат позиции за СДСМ, а за таа сметка ќе добијат вработувања. Како што дознаваме, Алтернатива, освен Министерството за здравство, не отстапуваат директорски позиции. МЕПСО останува кај Албанците, но не кај ДУИ, туку кај Алтернатива или Алијанса, зависно од договоро“, објави телевизијата.
Таравари, покрај Управата за јавни приходи (УЈП), бара позиции и во Царина, Финансиската полиција, министерството за внатрешни работи, инспекциите, и за него не е неопходно да се на раководни позиции, односно би се задоволил и со места во пониските ешалони на власта.
Секторските директорски места нема да се менуваат партиски, туку е можна смена на раководните лица. Се очекуваат многу рокади, во повеќе сектори. Се разговара за целиот пакет, во сите ресори, на сите нивоа.
Епилогот, кој се очекува да бидe соопштен утре, по средба меѓу Ковачевски и Таравари, ќе зависи од успехот на денешните раговори.