Потпретседателот на Алијанса за Албанците и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, смета дека усојувањето на францускиот предлог е завршена работа, но најави дека кога ќе дојде време за уставни измени со цел внесување на Бугарите, партијата ќе бара укинување на 20-те проценти за официјална употреба на албанскиот јазик во земјава.
Сепак, додава тој, дотогаш ќе видиме како ќе одат работите.
– И лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски неколку пати потенцираше дека нема проблем со симнување на 20-те проценти, доколку има согласност и секако дека ние ќе одлучуваме. Не велам дека тоа треба да биде услов, но ќе видиме како ќе се развиваат работите. Според тоа, ќе донесеме одлука, но мислам дека на секој начин ќе инсистираме да се отвори Уставот и да се тргнат тие 20 проценти – рече Таравари.
Според Таравари, загрижува фактот што нема консензус во македонските партии, но сепак верува дека уставните измени ќе се направат наскоро.
– Проблем ќе биде да се собере 81 глас за уставни измени, како во поглед на внесување на Бугарите, така и за тие 20 проценти што ги бараме во однос на албанскиот јазик. Но верувам дека и тие прашања ќе се решат – додаде Таравари.