Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска одговарајќи на новинарски прашања, рече дека здравствениот систем, од 5 до 10, би го оценил со осумка, и порача дека се дава максимумот за подобро и оти смета дека сепак се добиваат квалитетни здравствени услуги во јавното здравство.
Во врска со компресорските станици, одговори дека инсталациите се веќе поставени, се работи интензивно со компанијата што работела и дека тоа треба да заврши некаде кон крајот на јануари.
– Практично, останат е само апаратот што треба да се постави и добро е тоа што сега ќе имаме „бек“. Практично новата инсталација и новиот апарат ќе функционираат, а стариот апарат ќе го поправиме и тоа ќе биде секогаш како поддршка. Доколку му се случи нешто на новиот апарат, да не чекаме повторно 6 месеци додека се направат одјави, па да се најде фирма, па повторно да се работи. Така што, ако се расипе новиот апарат по 10, 15, 20 години, стариот апарат ќе биде тука за да помогне за да се вклучи веднаш – појасни министерот.
Операциите, рече, продолжуваат без никаков застој во полна пареа.
Тој посочи дека секаде во регионот човечките ресурси се проблем, особено во здравството.
– Што можеме ние да направиме како Влада, да подобриме услуги и плати, тоа континуирано го правиме. Не случајно, честопати специјализанти, а потоа нов колективен договор. Ќе видиме сега за идната година и за бодовите, односно за капитацијата за докторите по семејна медицина, некаде во април да се покачат за да бидат мотивирачки, тие да останат да работат и да дадат нивен максимум како здравствени работници. Тоа можеме како Министерство за здравство и како Влада. Другото не зависи од нас – истакна Таравари.
Тој се осврна и на тоа дека има и лекари кои работат во разни европски држави, а се заинтересирани да се вратат во државата.
Таравари се надева дека веднаш по Нова година ќе се формира комисијата за промени во системот „Мој термин“.
– Јас се надевам дeка комисијата ќе се формира веднаш по Нова година. Нонстоп работиме на „Мој термин“, ги пoдобруваме работите секогаш по барањата на пациентите. Времето на чекање, јас мислам, е многу помало сега во однос на тоа што беше пред 6 месеци. Меѓутоа, никогаш не е идеално. За дигитализација треба сериозно да се размислува, тоа беше и една од поентите што сме ги кажале од почеток. Така што ќе дадеме наш максимум што помалку да биде времето на чекање и што поорганизиран да биде „Мој термин“, како софтвер што се користи во здравствениот систем – одговори министерот.
Тој најави и стратегија, да се види што недостасува и во тие области да се дадат поголем број специјализации, со можности за младите. Се размислувало и за мотивирачки елементи во конкурсот. Како еден млад доктор, на пример, да биде мотивиран да оди на патологија.
– Дајте ни време и ние размислуваме во тој правец, како на еден млад и успешен лекар, кој завршил медицина, да му кажеме, убаво е да помогнете и да работите, да бидете иден добар патолог во државата, кој ќе помага на пациенти. Меѓутоа, дајте ни време да видиме како би можеле тоа да го направиме за да се насочат тие кон радиологја, патологија, тоа што ни треба најмногу во државата – нагласи министерот.
Таравари изрази оптимизам дека идната година ќе започнат доградувањето и завршувањето на болниците во Штип и во Кичево, а се осврна и на неколку други приоритети на брифингот со медиумски работници со заменик министерот, Јовица Андовски, и со државниот секретар во Министерството, Бесим Мемеди.