„Се работи на проширување на програмата „Мој термин“ или евентуално нова дигитализација“.
Ова го изјави министерот за здравство Арбен Таравари денеска.
„Ќе видиме која ќе биде дефинитивната одлука. На Македонија дефинитивно ѝ треба сите здравствени установи да бидат во еден ист систем. Значи, приватни и јавни здравствени установи, но и фармации и сите други институции што се поврзани со здравството. Тука мислам и на ФЗОМ. Ќе видиме, ќе ги разгледаме најдобрите можни опции“, одговори денеска Таравари на новинарско прашање.
Министерот рече дека се надева дека до крајот на годината барем половина од околу две илјади и нешто вработени со договор на дело во јавното здравство да добијат решенија.
Одговарајќи на прашања, дали ќе се чека месец декември за новиот буџет за вработувања на лицата ангажирани со договор на дело или обезбедени се средства со ребалансот, Таравари рече дека ќе се обидат одреден број доктори да бидат вработени уште сега.
Таравари, исто така, нагласи дека, каде и да оди, во сите градови во сите болници, првата и најголемата жалба од сите раководители на здравствените јавни институции, е, недостаток на средномедицински кадар, меѓутоа и на доктори, посебно по одредени специјализации.