Неофицијалниот „дил“ меѓу македонската и албанската опозиција ги урива столбовите на владејачката конструкција. Според извори на Алфа во власта, двајцата коалициони партнери Заев и Ахмети стравуваат дека гласовите од Алијанса за Албанците и Беса, на адреса на натпартискиот кандидат поддржан од ВМРО ДПМНЕ – Силјановска- Давкова, во вториот круг, ќе значат и нејзина победа, пренесува Алфа.
Поддршката на албанската опозиција е дил меѓу ВМРО ДПМНЕ и Алијанса што за сега не е официјално потврден од двете партии, но не е ни демантиран. Неофицијално, постои договор: македонската опозиција да ја поддржи албанската за нивниот кандидат за градоначалник на Дебар каде заедно со претседателските ќе се одржуваат и локалните избори. На овој начин кандидатот на Алијанса би излегол како победник, а потоа во вториот круг на претседателските, албанската опозиција да ја даде својата поддршка на контото на Силјановска- Давкова.
Стравот на СДСМ е дека овде тешко ќе се пробијат, особено затоа што тие ќе треба да дадат поддршка за кандидатот на ДУИ за дебарски градоначалник и никако поинаку.
Стравот од ситнење на коалициската поддршка доаѓа и заради Алтернатива, односно поранешната Беса на Африм Гаши. Оваа партија неофицијално преговара со опозиционерите Села и Касами за здружување на силите долгорочно – за парламентарните избори. Што практично не ја исклучува можноста Алтернатива да не одигра во корист на СДСМ и ДУИ и за претседателските избори.
Официјално од македонската опозиција не потврдуваат дали има дил со албанската опозиција. Вторите ги оставаат отворени сите опции.
Секакви политички дилови се можни, особено пред парламентарните избори, и за тоа се отворени и Беса и Алтернатива, освен ДУИ и Вејсел Мемеди. Така што ништо не се исклучува. До сега немаме преговори или договори со никого до сега, математиките конкретно за Дебар е тоа дека нашиот кандидат води со 30-40 отсто пред тој на ДУИ. Но, да почекаме да видиме како ќе се одвиваат работите во вториот круг. Сите математики се можни, отворени сме за комуникација со сите, но цврст договор немаме, вели градоначалникот, Арбен Таравари.
Според последните мерења на јавното мислење, македонската опозиција предничи пред СДСМ на ниво на целата држава, додека пак втората во општините каде доминира албанската заедница.
Конкретно за Дебар, според мерењата на Алијанса за Албанците, нивниот кандидат за градоначалник има околу 30 отсто поголема поддршка од оној на ДУИ.