Последниот пожар кој се појави вчера на депонијата Русино е подметнат, а мотивите се политички, тврди градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари. Тој од државата побара итно преземање на мерки за да се спречат загрозувањето на здравјето на граѓаните и загадувањето животната околина.
Прес конференцијата на градоначалникот дојде откако еколошките активисти преку по социјалните мрежи повторно алармираа на зголемена загаденост на воздухот и миризба која во вечерните часови беше најзабележлива. Во гаснење на огнот што се појавил на депонијата Русино интервенираа екипи на противпожарната единица и комуналното претпријатие.
„Ние немаме ингеренции врз депонијата и таа е под управување и надлежност на министерството за екологија, но сепак како локална самоуправа делувавме во гаснење на огнот. Поставивме и чуварска служба за да спречиме пожари, но просторот е голем и тешко се контролира движењето на луѓето. Немам дилеми дека се работи за подметнат пожар и дека има политичка заднина“, изјави Таравари.
Тој сомнежите ги поткрепува со податокот дека пожарите се појавуваат откако е сменет операторот кој управувал со депонијата, а особено индикативно му е и појавата на пожари во период на празници или значајни датуми.
„Пожар имаше пред Бајрам, сега повторно на пет дена од избори и ова не е случајно. Ова го немаше претходно додека оператор беше член на ДУИ. Откако го сменивме заради злоупотреби, депонијата речиси секоја недела се пали и гори. Веќе активиравме и предмет во ОЈО против непознат сторител“, вели Таравари.
Викендов еко активисти продефилираа низ гостиварските улици со транспаренти за да го свртат вниманието на јавноста и институциите за проблемот со депонијата Русино и опасноста која доаѓа од нерегулираниот третман на отпад во полошкиот регион.