Генералниот секретар на Aлијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, ја обвини владата за неуспех во управувањето со пандемијата со вирусот „Ковид 19“.
„Министерството за здравство, односно Комисијата за инфективни болести немаше никаква стратегија за справување со пандемијата со Ковид 19. Ние како опозиција Алијанса за Албанците – Алтернатива постојано ги замолувавме да седнат и да составиме стратегии за подобро управување. За жал, тие не го сторија тоа во овие скоро 8 месеци колку што трае пандемијата“, рече секретарот на Алијансата, Арбен Таравари во емисијата „Ентер“ на телевизија Шења.
Ние немавме само критики, додаде Таравари, туку како опозиција на владата и дававме и конкретни предлози.
„Нашата критика не беше за напад врз владата, туку беше помош и сугестии, да имаме стратегии, упатства за лекување на пациентите, бидејќи сите болни пациенти бараат помош и се упатуваат во Скопје. Само минатата ноќ имаше 2-3 пациенти кои немаа каде да ги сместат“, истакна Таравари.
Таравари смета дека лошото управување на пандемија доведе до тоа да имаме многу сестри и лекари кои се заразени со вирусот корона.
„Лекарите и целиот здравствен персонал даваат се од себе, но се чини дека државата не прави ништо“, рече тој.
Таравари уште еднаш јавно се спротивстави на претворање на Клиниката за неврологија во ковид центар. Тој рече како опозицијата му предложила на министерот за здравство да им ги отвори вратите на лекарите-експерти од опозицијата за помош, но за жал тие не сакаат да слушнат за такво нешто. Нашата земја, рече Таравари, стои полошо од која било друга земја во регионот и ова, додава тој, не може да се оправда со големиот број тестирани, бидејќи тоа е лага.