Новиот министер за здравство, Арбен Таравари информираше дека дал наредба за разрешување на економските директори на кои им завршува мандатот, а веќе е дадена и наредба за побрзо да се спроведе во Собранието измената на законот за укинување на функцијата економски директор на клиниките.
Како што информира Таравари, денеска ќе бидат разрешени 7-8 в.д. директори од вкупно 14.
„Денеска се разрешуваат одреден број на економски директори на кои им завршува мандатот. За тие што се со малку поголем мандат, ќе ни требаат измени на законот. Сметајте дека за месец-два нема да има економски директори. Не сакам да не тужат тие што имаат мандат до август, септември, па да одиме по судови…, кажа Таравари во изјава за медиумите на првиот ден од стапување на новата функција.
Досегашното искуство во примената, како што претходно порачуваа од Министерството за здравство, покажа низа слабости во јавните здравствени установи во кои беа именувани двајца директори заради несоработка, при што се јавуваа практични проблеми за реализација на акти и постапки каде што се бара согласност на двете лица.