Таравари: Зошто Македонија не ги поддржува санкциите на ЕУ кон Русија?

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива изрази загриженост во врска со тоа што Македонија не ги поддржала санкциите на ЕУ кон Русија и го обвинува министерот за надворешни работи Бујар Османи дека води проруска политика.  Коалицијата бара од Османи веднаш да ја усогласи надворешната политика со таа на ЕУ.

– Крајно сме загрижени за неусогласеноста на надворешната политика на Република Северна Македонија со онаа на ЕУ, особено во врска со европските санкции против Русија во врска со руската агресија во Украина. Земјите кандидати како Северна Македонија имаат законски обврски да се во склад со декларациите на ЕУ и да ги применуваат европските санкции кога тоа се бара од Брисел – рече денеска на прес конференција генералниот секретар на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари.

Тој потсети дека во март 2014 година ЕУ воведе ограничувачки мерки против Русија, кои опфаќаат дипломатски мерки, замрзнувања на средства, забрани за патувања, како и економски санкции.

– Од кога Зоран Заев стана премиер на Северна Македонија, Советот на ЕУ донесе 21 одлука за продолжување и проширување на санкциите против Русија. Владата на Северна Македонија никогаш не е на страната на овие одлуки. Така што владите Заев 1 и Заев 2, полни 21 пат одбиле санкции против Русија. Ова е загрижувачки тренд на оваа Влада. Од друга страна, Албанија и Црна Гора се потполно во склад со ЕУ, а од друга страна се Северна Македонија на Зоран Заев и Србија на Вучиќ, кои одбиваат европски санкции против Русија – рече Таравари.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива е најмногу загрижена, како што рече Таравари, поради фактот дека „министер Албанец нѐ ставил на страната на Вучиќ, Додик и Путин“.

– На 10 септември 2020 година и на 1 октомври 2020 година, ЕУ ги продолжи и прошири санкциите против Русија, а Бујар Османи како министер за надворешни работи во кабинетот на Зоран Заев 2, не е нареден со земјите на ЕУ. Бујар Османи лесно ги обвинува другите дека се испружена рака на Кремљ, но всушност тој од кога е именуван, успешно ја спроведува про-руската надворешна политика на Димитров. Граѓаните имаат право да знаат како една влада која се произнесува како проевропска и еден министер кој се преправа дека неговото сонце изгрева на Запад, не ги исполнува обврските на земја кандидат за ЕУ, но претпочита да се нареди со Русија? Дали ова е поради тоа што владата ги брани богатствата на луѓе на Путин и слободата на нивното движење или е за да се бранат руските економски интереси во Северна Македонија? – прашува Таравари.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива бара од Бујар Османи да одговори на овие прашања и веднаш да ја усогласи надворешната политика со таа на ЕУ.