Народот со својот глас ќе ја спаси Македонија, изрази уверување во неделата вечерта кандидатот за градоначалник на општина Свети Николе од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Тасев и порача дека неговата партија во општината реализирала круцијални проекти.
Тасев порача дека дошло време и дошло час да се чуе гласот на народот кој ќе каже „не“ за предавството на Македонија.
„СДС мисли дека преку измислени и лажни профили и фејсбук страници се добиваат избори. Не бе луѓе, не се добиваат така избори, избори се добиваат само со работа и со проекти, и со ништо друго. Тие сѐ уште не ја научиле приказната за штурецот и вредните мравки. Тешко дека ќе ја научат. Многу тешко, верувајте ми. Тие нека продолжат и натаму да си свиркаат и да си постираат на нивните лажни профили, да нѐ навредуваат и омаловажуваат пред нашите фамилии, ама горди сме во срцата зашто сме Македонци. А ние ќе си продолжиме со тоа што најдобро го знаеме, да си работиме на нашите проекти, да работиме за поубаво и поуспешно Свети Николе“, истакна Тасев.
На митингот пред своите сограѓани потсети на некои од најважните проекти кои биле реализирани во неговиот мандат.
„Со мојот тим реализиравме есенцијални проекти коишто се од значаен карактер за општината. Проекти коишто ги гледаат граѓаните, кои што се овде, во овој отчет. Тој многу ги уплаши, а знаете зошто? Затоа што е вистинит. Затоа што има над 150 реализирани проекти. Е тоа ги плаши“, истакна Тасев.
Рече дека во неговиот мандат изградени биле современи патишта и улици.
„’Младинска’, ‘Крсте Мисирков’, ‘Цветан Димов’, ‘Рахилка Гонева’, ‘Пионерска’, ’11 Октомври’, ‘Гоце Делчев’, ’11-та Македонска бригада’ и многу други, ама ги реализиравме. Кога ги правевме улиците воведовме едно ново правило, комплетна замена на старата и дотраена азбесна водовна мрежа, некаде беше и метална. Заменивме и околу пет километри азбесна мрежа, направивме и 2,3 километри нова мрежа“, посочи Тасев.
Потенцираше дека била направена канализациона мрежа во должина од 23 километри. Тасев најави и дека во новата програма предвидено е да се инвестира во сите населени места во општината, ќе бидат реконструирани улиците и ќе се инвестира во спортот.