Истрагата за случајот со поранешниот Генерален секретар на Владата, Драги Рашковски за случајот со набавката на софтверот за МВР, кој тој сам го дизајнирал, треба да се прошири. Паралелно со криминалната истрага, Обвинителството треба да се отвори и финансиска истрага во врска со случајот Рашковски, вели во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат, Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернејшенел“ Македонија и екс претседателка на ДКСК.
Таа смета дека потребно е да се види каде отишле парите од тендерот за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци.
„Она што Јавното обвинителство сега може да го прави, покрај проверката што ја прави ДКСК, тие паралелно со криминалната истрага треба да отворат и финансиска истрага. Да видат парите од овој тендер, од оваа набавка, каде отишле, што се случувало? Постои цела стратегија за финансиски истраги“, вели Тасева.