ВИДЕО: Таткото на малиот Ајлан го моли светот да ги отвори вратите

Таткото на малиот Ајлан чие безживотно тело во септември годинава исплива на турската плажа и стана симбол на бегалската криза го моли светот да ги отвори вратите за Сиријците што бегаат од војната.

Во овој период од годината би сакал сите да ве замолам да помислите на маката на татковците, мајките и децата што бараат мир и сигурност. Бараме од вас само малку сочувство, вели Абдула Курди во видео пораката што ќе биде емитувана на Божик, а чиј транскрипт беше објавен од британскиот Канал 4, пренесува Танјуг.

Ајлан и Галеб Курди се удавија во септември годинава
Ајлан и Галеб Курди се удавија во септември годинава

Тој порача дека би сакал целиот свет да ги отвори вратите за Сиријците затоа што, како што вели, „мошне е тешко кога некој ќе му ја затвори вратата на другиот, а кога вратата ќе се отвори повеќе не се чувствувате понижено“.

Малиот Ајлан се удави кога неговото семејство, кое привремено беше во Турција, одлучило да го преземе очајниот обид да стаса до Грција во гумен чамец, а шокантните фотографии од неговото безживотно тело ги поттикнаа европските земји да побараат ефикасен одговор за растечката мигрантска криза.

Во несреќата животот го загубија и мајката на момчето и  4-годишниот брат Галеб, а сите беа погребани во сирискиот град Кобане, само неколку дена по трагедијата.