Таткото на Бјанки има се помалку надеж за неговиот син

Семејството на Жил Бјанки минува низ вистински пекол по неговата тешка несреќа за време на јапонското гран-при минатата година, кога тој со болидот на Марусија удри во сервисно возило на патеката Сузука и се здоби со тешки повреди.

Французинот девет месеци е во кома и се наоѓа во болница во Ница, Франција, а неговата состојба никако да се подобри.

„Ова е навистина неподносливо, секојдневна тортура“, изјави Филипе Бјанки, таткото на Формула 1 возачот. „Понекогаш мислиме дека ќе полудиме, бидејќи за мене, ова е потешко отколку да починеше. Не можеме да му помогнеме повеќе. Времето минува и јас сум се помал оптимист отколку што бев неколку месеци по несреќата, кога се надевавме на подобро. Понекогаш е добро да знаете каде стоите и да ја сфатите сериозноста на ситуацијата“, рече таткото на Бјанки.

Тој исто така дополни дека со Жил разговарал за ситуацијата во која се нашол Михаел Шумахер.

„Ако се разбуди од кома и продолжи да живее со инвалидитет, ние сме сигурни дека тоа не е воопшто што Жил би го сакал. Имаме разговарано за вакво нешто. Тој ни кажа дека ако доживее несреќа како онаа на Михаел Шумахер и ако веќе не може да вози, тоа би му било многу тешко да го прифати, бидејќи тркатање е неговиот живот“, заврши Филипе Бјанки.