Тага и болка во домот на покојната Маја Блажеска чие безживотно тело беше пронајдено пред четири дена на планините над Охрид. Нејзиниот татко со неверување за примил веста дека негова единица е мртва и дека починала поради ниските температури.
„Не може самата да се качи на планината толку далеку од селото. Не можам да поверувам дека таа самата си наштетила. Беше заведена. Мојата ќерка Маја е убиена и фрлена на планината“,рекол таткото на девојчето Ристе Блажески за Дневник.
Од ноември лани кога малолетната Маја побегнала од дома, се` до првите денови од јануари кога ловџии го пронајдоа безживотното тело на девојката, не е знаеше каква е нејзината судбина.
Сепак, и по ова останува мистерија што се случило.
Во околните села, во нејзиното родно Лешани, како и во Охрид, само за ова се зборуваше вчера. Сите прашуваа дали Маја е убиена, дали била жртва на измамник што ја намамил преку социјалната мрежа „Фејсбук“ или, пак, бегајќи од дома, залутала и се смрзнала на планината.
„Дневник“ дознава дека жителите од Велмеј добро го познавале девојчето оти тука учело основно училиште.
„Ловџии од селото го пронајдоа телото, а не полицијата. Сепак, сите се прашуваме како е можно таа да стигнала на местото каде што беше најдена оти тоа од селово е 10-12 километри одење низ шумата“, изјавил селанец за Дневник.
Продавач во селската бакалница вели дека ја познавал Маја.
„Многу е тешко од селото да стигне до местото каде што ја нашле, 10 километри низ шума. Учеше тука во Велмеј и беше одлична ученичка, паметно девојче, кое беше мирно и повлечено. Многу беше блиска со баба си“, се сеќава тој.
Ловџијата Гоце Станковски, еден од тројцата што го забележале телото за весникот рекол дека последниот сигнал што го лоцирале преку мобилниот телефон на Маја бил во ноември во селото Издеглавје, оддалечено околу 12-ина километри од Велмеј.
„Чудно е што е пронајдена тука во овој крај оти ако поминела низ селово, некој ќе ја забележал бидејќи ја познаваа. Сигурно некој ја однел со автомобил на местото“ , вели помлад жител од селото.
„Околу 8.30 часот загарите почнаа силно да не` влечат, знаевме дека нешто намирисале. Погледнавме во близина и забележавме тело на човек меѓу стопениот снег. Не ги пуштивме кучињата да се доближат и веднаш ја повикавме полицијата“, рекол ловџијата за Дневник.
Не можеле да препознаат за кого станувало збор, а дека станува збор за женско лице, дознале преку облеката, носела црни пантолони со бел ремен, била боса, а чантата и била над телото.
„Една недела претходно поминавме покрај истото место, а тогаш ниту ние ниту загарите не забележаа ништо оти имаше многу снег“, вели тој.
Kако и неговите соселани, не верува оти Маја сама можела да дојде до ова место.
„Никој не ја ни бараше толку далеку од селото. Можеби талкала, па залутала, но сметам дека е донесена до тука“, вели тој и дополнува дека со возило од страната на Велмеј до местото на кое е најдена нема шанси да се стигне со автомобил.
Бабо, бегам во Бугарија
Бабата Милица, најблиска со внуката Маја, сепак не ги дознала нејзините тајни. Во октомври првпат Маја побегнала од дома, но по неколку дена се вратила од Скопје во селото. На лекар утврдиле дека имала односи со лицето што ја повикало да дојде во Скопје, а имала и модрици по телото, пишува Дневник.
„По таа случка, постојано плачеше, се жалеше на болки. Ми велеше: „Бабо, однеси ме во манастир да се смирам“. Kога ја прашував како можам да ~ помогнам, дали некој и се заканува, дали се плаши, таа молчеше“ , вели бабата.
Таткото се сомнева дека таа е измамена. Не го знаат вистинскиот идентитет на момчето, дали тој навистина имал 22 години, дали бил од Скопје, како и фактот што првпат Маја рекла дека се вика Тони или Антонио, а потоа Рамадан. Родителите велат дека Маја не била боса кога исчезнала, дека ~ ги немало чизмите, марамата и атласот со кој излегла од дома. Со голема болка се сеќаваат на денот кога последен пат ја виделе, во ноември.
„Утрото ми рече дека го спрема ранецот за училиште и ми рече да одам по печурки. Во меѓувреме ја заклучила својата мајка во соба и побегнала. Kога се вратив во куќата, веднаш и ѕвонев на мобилниот, но не беше недостапна. Kога конечно успеав да ја добијам, ми рече: Бабо, бегам, бегам во Бугарија“, се сеќава Милица.
Тогаш го исклучила телефонот по што не била достапна. Телефонот бил пронајден во нејзината чанта.
Таткото Ристе беше гневен на истражните органи и не верува оти ќерка му залутала сама.
„Гарантирам дека не е залутана, туку е грабната и заведена од момчето. Полицијата ништо не ми кажува и 50 дена ја бараа безуспешно. Не смеат да го затворат случајот како несреќа оти самата не си наштетила сигурно“, вели тој.
Еден ден откако беше пронајдено женското тело на падините на планинскиот појас кај селото Велмеј, од СВР Охрид, од каде што првиот ден беа воздржани и не сакаа да коментираат, вчера потврдија дека станува збор за исчезнатата Маја Блажеска. Од полицијата го чекале обдукцискиот наод, кој го потврдил идентитетот на девојката, како и причините за настапувањето на смртта.