![policaec policija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/08/policaec-policija.jpg?resize=696%2C405&ssl=1)
Син на високопозициониран функционер во Министерството за внатрешни работи не е пријавен и покрај тоа што е инволвиран во инцидент кој го предизвикале лица кај кои е откриен наркотик и кои оглушувајќи се на наредбите на полициските службеници физички нападнале еден од нив.
Како што информираат за НетПрес добро информирани извори, инцидентот се случил рано утрото во саботата на 3-ти јуни, кога припадници на полициската Единици за брзо распоредување (ЕБР) во рамките на проектот „Безбеден Град“ малку пред 2 часот по полноќ пред еден од ноќните клубови во скопскиот Градски парк забележале неколку лица како подготвуваат за консумирање непозната прашкаста материја.
По легитимирањето, тврди изворот, полициските службеници при претрес кај едно од трите затекнати лица пронашле кутивче со кесе во кое имало бела прашкаста материја. Истовремено лицата во дваесеттите години дрско се оглушиле на повиците на полицајците да престанат со сите дејствија и започнале агресивно да се однесуваат кон нив. Во еден момент едно од момчињата го фатило за вратот еден од полициските службеници со цел да избега низ вратата на локалот, а други две му задале неколку удари на истиот полицаец, по што интервенирале и неговите колеги со примена на средства за присилба.
Насилниците потоа биле однесени во надлежната Полициска станица во Карпош, вели соговорникот, каде е направена идентификација на приведените и сочинет е записник за инцидентот.
Како што подоцна е утврдено, станувало збор за кокаин, меѓутоа едно од момчињата кое било во групата со трите пријавени не било приведено, затоа што, како што посочуваат нашите извори, на самото место дошол таткото висок полициски функционер, кој својата позиција ја стекна благодарејќи на партиските заслуги.
Инцидентот со физичкиот напад врз полицискиот службеник е заведен до редовниот дневен билтен на МВР кој го добиваат и медиумите, во кој се идентификувани (вообичаено со иницијалите) приведените лица, но е изоставено и четвртото, синот на полицискиот функционер.