Не верувам дека мојот татко ќе го пуштат на слобода. Дај боже да грешам, но мислам дека тоа е само една празна приказна и мачкање на очи пред јавноста. Тие сигурно ќе му постават услови на кои тој нема да се согласи. Еден од тие услови би можел да биде да не се бави со политика, што за него е неприфатливо, рекол во разговор за српскиот весник „Ало“, Никола Шешељ, најстариот син на Воислав Шешељ.
Според него, доаѓањето на неговиот татко добро би ја протресло српската политичка сцена, и дека таа потоа со сигруност воопшто не би била иста.
„Неговото доаѓање, пред се’, би го погодило Александар Вучиќ, па потоа сите други по ред, кои се со него. Моето лично мислење е дека Вучиќ е главниот и одговорен за тоа што Воислав Шешељ сеуште се наоѓа во Хаг. Од 2008 година, кога почна да ја урива партијата, па се до ден денеска, кога е на чело на српската Влада, ниту еднаш не го ни спомна Хаг, ниту пак мојот татко. Верувам дека народот наскоро ќе сфати кој е Вучиќ… Воислав Шешељ е во Хаг само од политички причини! Тоа само луд човек не би го видел. Ниту пак тоа таму е суд. Тие веднаш би го ослободиле, но само ако тој повеќе не се бави со политика. А тој на тоа нема да се согласи“, вели Никола Шешељ.
„Сигурен сум дека на аеродром би го пречекале 100.000 луѓе… Не му подготвувам подарок, бидејќи тој не сака подароци. Всушност сака да добие книга, но и нив ги има навистина многу. Мислам дека не би имал време ниту за приватна прослава за неговото враќање. Всушност за ништо би немал време освен за ’исправување на кривите Дрини’, кои ги искривија господата кои беа на власт во изминативе 11 години“, вели Никола Шешељ.