ТАВ се огласи по инцидентот на скопскиот аеродром

ТАВ Македонија вечерва се огласија со соопштение во врска со инцидентот кој се случил денеска, а во кој вклучени биле обезбедувањето на претседателката на Косово, а подоцна и член на обезбедувањето на собранискиот спикер, Африм Гаши.

-Во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство, ТАВ Македонија како аеродромски оператор има законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучувајќи ги и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот.

Оттука, Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија, постапувајќи во рамките на своите овластувања спроведе стандардна безбедносна проверка на споменатиот патник како и на неговиот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП- салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет.

Сакаме да потенцираме дека авијациската безбедност не беше загрозена, поради тоа што споменатиот инцидент се случи во јавната зона на аеродромот, односно пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот од каде ВИП-патниците откако ќе бидат проверени од Обезбедувањето се упатуваат во безбедносно-контролирана зона на аеродромот, се вели во соопштението.

Од ТАВ Македонија потенцираат дека ВИП-салонот е посебна зграда изолирана од главната терминална зграда на скопскиот аеродром, што значи дека е комплетно неточно дека била загрозена безбедноста на патниците.

За целиот случај претходно се огласија и од Министерството за внатрешни работи, од каде беше нведено дека претходно во четвртокот претпладнето околу 10 часот на Меѓународниот аеродром Скопје додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер.

-По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин, информира МВР.

Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.