За речиси 17 илјади е намален вкупниот број на ученици во Македонија во изминатите 7 години, а само бројот на првачиња за околу 3500. Трендот на масовно иселување се интензивира и создава тажна слика во македонските училишта.
Многу објекти најчесто во руралните подрачја, зјаат празни или пак училишните згради функционираат само со неколку ученици.
Ова го покаѓуваат официјалните податоци од Државниот завод за статистика, каде може да се види дека само за една година биле затворени 14 училишта во земјава.
Тоа пак, предизвикува друг проблем кој може да ја зголеми невработеноста.
Денес во државата има околу 3000 наставници кои се „вишок“ во воспитно – образовниот систем и нивното работно место е под ризик да биде затворено. Процентуално, тоа е околу 10% од вкупниот број на ангажирани наставници во училиштата низ државата.
Дали синдикатите наместо постојано да бараат повисоки плати за оние кои имаат доволно часови, имаат и предлог како да ги заштитат своите членови со минимален ангажман, а понекогаш и со измислени работни активности, да не ги загубат работните места?
Дали новата Влада ќе покаже грижа и ќе најде начин да ги задржи во образованието оние кои одбрале да се занимаваат со најблагородната професија, останува да видиме.
Според статистиката, во јуни 2017 година во Македонија имало 262.707 ученици, а само првачиња биле 22.906.
Во јуни 2024 година во Македонија има 245.874 ученици, а првачиња се 19.482.
За период од 7 години има намалување на вкупниот број на ученици за 16.833, а на бројот на првачиња за 3.425.