Тејлор Свифт ја заврши турнејата со рекорди и го зацврсти статусот на мегаѕвезда

Американската пејачка Тејлор Свифт ја заврши својата рекордна турнеја под наслов „Eras“ во канадски Ванкувер, зацврстувајќи го нејзиниот статус на меѓународна музичка мегаѕвезда.

Нејзината светска турнеја, најпрофитабилната во историјата, започна во март 2023 година во американската сојузна држава Аризона, по што Свифт посети педесет градови, од Буенос Аирес до Токио и Сингапур, одржувајќи вкупно 149 концерти.

Опкружувањето на американската поп-ѕвезда не ја откри висината на приходите од продажбата на билети за концерти, но специјализираниот магазин Pollstar ги проценува на повеќе од две милијарди долари, што е многу повеќе од 939 милиони долари што ги заработил Елтон Џон како дел од неговата збогувачка турнеја по пет години и 328 настапи. Неговата турнеја, инаку, беше прекината поради пандемијата на коронавирусот.

Покрај заработката од продажба на билети, турнејата „Eras“ даде значаен економски придонес во сите градови каде што се одржуваа концертите.

Во Торонто, претпоследната станица на турнејата, каде беа одржани шест концерти, локалното биро за туризам процени дека присуството на американската пејачка му донело околу 282 милиони канадски долари, или околу 199 милиони американски долари, на економскиот најголем град во Канада.

Турнејата на Тејлор Свифт предизвика интерес што ретко се гледа во споредба со другите музичари. Во Париз во мај, два дена пред концертот, обожавателите кампуваа во близина на салата во која настапуваше, надевајќи се дека ќе бидат што поблиску до неа.

На концертот во Единбург во јуни, фановите толку многу ја тресеа земјата што Агенцијата за следење на земјотреси на Обединетото Кралство (BGS) забележа сеизмичка активност измерена до шест километри околу стадионот каде што настапуваше Свифт.

Потемната страна на турнејата е тоа што во август беа откажани три концерта во Виена поради дојава за самоубиствен исламистички напад.

Покрај обожавателите, изведбите на Тејлор Свифт ги одушевија и критичарите, кои ја пофалија нејзината енергија и издржливост на сцената за време на настапите кои во просек траеја три ипол часа.

Пејачката беше прогласена за личност на 2023 година од магазинот Time, а во 2024 година, за време на американските претседателски избори, се приклучи на политичката арена. Нејзината поддршка на демократската кандидатка Камала Харис го налути Доналд Трамп, кој изјави дека ја „мрази“.

И покрај многу напорниот распоред на концерти, американската пејачка често можеше да се види на натпреварите на нејзиното момче, познатиот играч на американски фудбал (рагби) Тревис Келси. Таа привлече посебно внимание на најважниот натпревар, Супербоул, големото финале на американското првенство.

На 10 февруари, по концертот во Токио, ѕвездата „скокна“ во авион за да присуствува на тој натпревар, а веќе следниот ден беше во Лас Вегас, оддалечен 9.000 километри.