Тејлор Свифт ги наградила вработените со 55 милиони долари

Една од најпопуларните и најплатените пејачки во светот Тејлор Свифт го одврзала ќесето и им дала огромни бонуси на сите нејзини соработници, кои работат на нејзината нова турнеја.

Како што пишува магазинот „Пипл“, пејачката поделила дури 55 милиони долари бонуси, па само возачите на камиони, кои ги има повеќе од 50, добиле бонус од 100.000 долари.

Покрај нив, во нејзината екипа има и танчари, техничари за звук, организатори, луѓе задолжени за храна и многу други.

Инаку, турнејата на Тејлор Свифт наречена „Ерас“ стана еден од најголемите спектакли оваа година, а нејзините распродадени концерти секоја вечер собираа повеќе од 70.000 обожаватели.

Турнејата започна на 17 март во Глендејл, Аризона и ќе трае до 9 август, каде пејачката ќе ја заврши својата американска турнеја на стадионот „СоФи“ во Лос Анџелес.

Да потсетиме, Тејлор Свифт, од продажбата на картите за концертите во рамките на турнејата заработува повеќе од 13 милиони долари на ноќ и е на пат да оствари концерт со најголема заработувачка во музичката историја.

Според индустриското издание „Полстар“, Тејлор во текот на 22 дена од турнејата, заработила околу 300 милиони долари. Планирани се 50 настапи во САД, а потоа шестата концертна турнеја на кантавторката продолжува во странство. „Полстар“ проценува дека вкупната заработувачка од турнејата би можела да надмине 1,3 милијарди долари, со што пејачката влегува во историјата поради висината на заработувачката од концертите.