Тејлор Свифт по награда MTV VMA најави нов албум

Американската пејачка Тејлор Свифт ја освои главната награда на доделувањето на годишните признанија MTV Video Music Awards за 10-минутната верзија на својата песна од 2012 година „ All Too Well“ и најави нова албум кој ќе се појави во октомври.

Свифт им се заблагодари на обожавателите од сцената на „Prudential Centr“ во Њу Џерси додека ја примаше наградата, 14-то вакво признание од MTV во кариерата. „All Too Well“ е еден од нејзините минати хитови коишто Свифт повторно ги сними по спорот со нејзината поранешна продуцентска куќа.

„Немаше да успееме да го снимиме овој кус филм доколку ве немаше вас – обожавателите“, изјави Свифт пред да открие дека својот следен албум ќе го објави на 21-ви октомври.

Наречен „Midnights“, албумот зборува за „13 непроспиени ноќи распослани низ мојот живот“, вели пејачката во објавата на Twitter по церемонијата и триумфот.

Инаку на годинешното доделувањето на признанијата на MTV, порториканскиот пејач Бад Бадни е прогласен за уметник на годината и му беше врачена статуетка во форма на астронаутот Мун Персон на њујоршкиот стадион Јенки, каде одржа концерт пред распродаденото гледалиште .

Поранешната ѕвезда на „ Disney Channel“, Дав Камерон, пејачка на хитовите „Breakfast“ и „Boyfriend“ беше прогласена за најдобар нов изведувач. Меѓу победниците е и Хари Стајлс кој го доби признанието за албум на годината за „Harry’s House“.