Тејлор Свифт се врати на сцената во Лондон по спречениот напад во Виена

Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт во четвртокот ја продолжи турнејата „Eras“ во Лондон, која обожавателите со нетрпение ја очекуваа откако минатата седмица беа откажани нејзините три концерта планирани во Виена, кои беа цел на планиран терористички напад.

Американската пејачка го започна првиот од петте планирани концерти на стадионот „Вембли“ со нејзиниот хит „22“ облечена во маичка со натпис „a lot going on the moment“, очигледно алудирајќи на бурниот период низ кој штотуку помина.

Покрај настаните во Виена, концертите во Лондон доаѓаат две седмици од убиството три девојчиња во северозападна Англија, кои беа избодени до смрт додека учествуваа на час по танц за поп-музика посветен токму на Свифт.

Од почетокот на попладневните часови, стотици „Свифтис“ се собраа околу стадионот „Вембли“, кој прима околу 90.000 луѓе за последните европски концерти од нејзината турнеја којашто започна пред речиси година и половина во САД.

„Тоа е лудо, не се чувствува реално“, вели 23-годишниот студентла Броди Мекартур.

„Чекањето на концертот беше мачно, но конечно сме тука“, се надовврзува 28-годишниот болничар Хуан Рамирез, кој допоатувал од Калифорнија за концертот. Тој признава дека се плашел дека мериканската ѕвезда ќе ги откаже и концертите во британската престолнина.

Минатата седмица три нејзини концерта планирани во Виена беа откажани во последен момент, откако беше откриен планираниот самоубиствен напад на џихадисти, за што беа приведен вкупно три лица.

Лондонската полиција соопшти дека е подготвена за концертите, нагласувајќи дека контролата на билетите ќе биде засилена, заедно со дополнителни безбедносни мерки околу стадионот.

На веб-страницата на Вембли, имателите на билети се предупредуваат дека на стадионот ќе бидат извршени „дополнителни проверки“ „пред влезот“.

Нејзините концерти во Лондон доаѓаат речиси две седмици по убиството на трите девојчиња во напад со нож во Саутпорт, северозападна Англија, што предизвика бран ксенофобични немири во земјата. Децата, на возраст од шест, седум и девет години, одеа на час по танц на песни од Тејлор Свифт, која на социјалните мрежи изјави дека е „апсолутно шокирана“.

BBC во четвртокот објави дека поп-ѕвездата, која одржува блиски односи со своите обожаватели, ги контактирала семејствата на жртвите по нападот. Сепак, таа сѐ уште јавно не ја коментираше одлуката за откажување на концертите во австриската престолнина.

Поп-ѕвездата не ги разочара обожавателите на својот прв концерт во Лондон. Таа на сцената го донесе и англискиот уметник Ед Ширан со кој изведе неколку песни на кои соработуваа.

Лондон ќе ја заврши европската етапа на турнејата, која започна во мај во Париз. Глобалната ѕвезда потоа ќе отпатува во Канада на последните концерти од ноември.

Кон крајот на минатата година „Eras“ стана првата турнеја во историјата за која биле продадени влезници за повеќе од милијарда долари.