
Театарот за деца и младинци од септември 2015 ќе има реновиран и проширен простор, најави денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која беше во работна посета на оваа единствена национална театарска установа за деца.
Покрај реконструкцијата, Театарот за деца и младнци ќе добие и современа сценска опрема, во рамки на проектот за нова сценска технологија на македонските театри.
Овој театар постои 24 години, а во просторот што ќе се реновира работи 16 години. Просторот има 30-ина метри квадратни со 123 седишта во партер. Во изминатиот период ансамблот беше доекипиран со шест актери.
Театарот за деца и младинци е меѓу најнаградуваните професионални театари во Македонија: 36 меѓународни награди, девет гран-при за најдобра претстава. Годишно изведува околу 200 претстави и е посетен од околу 20.000 гледачи.
Најнова претстава на театарот е „Нашиот клас“, за деца над 14 години, по текст на Тадеуш Слобоѓанек и во режија на Владимир Милчин, која премиерно беше изведена минатата недела.