На денешните маратонски разговори во Резиденцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје на која на заедничка маса седнаа лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија, еврокомесарот Јоханес Хан, амбасадорот на САД Џес Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав е постигнат договор кој треба да послужи како рамка за излегување од кризата и за стабилизирање на турбулентната политичка ситуација во Македонија.
-Имавме интензивни и конструктивни преговори. Евроатланската агенда е важна и приоритет за сите. Важно е да се реши кризата за да се задржи препораката од ЕУ. Договоривме до крајот на април идната година да се одржат предвремени избори, но важно е земјата претходно да се подготви во смисла на изборниот законик и ревизија на избирачкиот список, како и да се задржи понатамошното спроведување на сите препораки на ЕУ. Беше договорено да се примени методологија која вообичаено ја користиме за преговори за поглавјата 23 и 24, а се работи за владеење на правото, независност на судството, слобода на медиумите. Сето ова ќе придонесе државата да се модернизира, истакна Хан.
Тој додаде дека на средбата имало конструктивна клима посочувајќи дека конечен договор ќе биде постигнат на средбата која за идната недела е закажана во Брисел.
– Ќе се видиме уште еднаш следната недела во Брисел за да го постигнеме конечниот договор што ќе и овозможи на земјата да оди напред и да ја искористи актуелната криза за модернизација, изјави Хан.
Дел од медиумите кои се блиски до политиките на СДСМ и дејствуваат како нивна продолжена рака веднаш почнаа да објавуваат текстови дека преодна влада ќе ги организира вонредните парламентарни избори кои што беа најавени денес од страна на евромоесарот Хан.
Но, дипломатски извори за Нетпрес брифираат дека идејата за техничка или преодна влада не добила поддршка од меѓународните претставници, ниту пак на денешната средба станало збор за тоа.
Порталот Плусинфо, кој важи за мошне близок до политиките на опозицијата веднаш по средбата објави дека комесарот Хан не спомнал ништо за барањето за преодна влада.
„По завршувањето на целодневните преговори, изјава за резултатот од средбата даде еврокомесарот Хан и најави дека следната недела во Брисел ќе се одржи нова рунда преговори, на кои ќе се прецизираат деталите на договорот постигнат денеска. Хан не спомна ништо за прашањето за евентуално формирање преодна влада, за инсистирањето СДСМ да се врати во парламентот и за другите прашања кои беа актуелни деновиве“, пишува Плусинфо.
Исто така дел од медиумите пишуваат дека дополнително во Брисел ќе се одлучува кој ќе ги организира изборите и дека СДСМ наводно не отстапувал од барањата за преодна влада.
Од друга страна пак, дипломатски извори за Нетпрес брифираат дека во договорот кој бил потпишан денеска од страна на сите лидери на четирите најголеми политички партии, меѓу кои и од лидерот на СДСМ, Зоран Заев воопшто не се спомнува преодна или техничка влада.
Имено, нашиот извор потврди дека на денешната средба покрај тоа што е постигнат договор за спроведување на вонредни парламентарни избори до април 2016-тата, исто така, договорено било до 10-ти јуни, односно до следната средба која што ќе се одржи во Брисел партиите да ги договорат модалитетите и механизмите кои ќе обезбедат гарантирање на доверба во изборниот процес од сите субјекти.
Дополнително, по средбата во Брисел се предвидува и враќање на опозицијата во Парламентот.
Експертската јавност коментира дека на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ и претседател на Владата Никола Груевски начелно и му одговара предлогот за предвремени избори затоа што е сигурен дека народот е зад него и го поддржува, што беше потврдено и со големиот народен собир пред Собранието на Македонија, кога на едно место се собраа околу 100.000 граѓани.
Денешниот договор, начелно значи дека конечно почнува да се стабилизира политичката ситуација во Македонија и оти се наѕира крајот на наметнатата политичка криза. Постигнат е договор со европски стандарди кој што ќе обезбеди стабилизација и напредок на државата.