Спасов: Техничката министерка Ременски ја манипулира јавноста

 

 

Во интерес на правилно информирање на јавноста ве известуваме дека против техничката министерка Фросина Ремески, заради незаконско работење и кршење на административните процедури, постапување и преземање на дејствија спротивно на закон, поднесени се вкупно 24 тужби до Управниот суд Скопје, за кои до денес судот донесе 14 правосилни Решенија за времена мерка за 14 директори кои незаконски се разрешени од страна на техничката министерка.  Исто така Управниот суд донесе уште 5 решенија за времена мерка кои сеуште не се правосилни бидејќи Ременски има право на жалба, реагира дополнителниот заменик министер Диме Спасов на денешната прес конференција на техничкиот министер за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски.

И покрај тоа што решенијата за времени мерки  се веќе правосилни судски одлуки, техничката министерка Фросина Ременски не ги извршува овие судски одлуки при што постапува спротивно на Закон и свесно врши повеќе кривични дела.

Поради ова поднесена и е кривична пријава за кривично дело Неизвршување на судска одлука од член 377 од Кривичниот Законик на Република Македонија при што дури 14 правосилни судски решенија донесени од Управниот суд не ги спроведува.

Против техничката министерка Ременски поднесена е и  кривична пријава за незаконско работење и злоупотреба на службена должност каде назначува директор кој не ги исполнува условите согласно Статутот на институциите.

Воедно Ременски излегува во јавност со едно решение од Управниот суд кое не е конечно и  со кое се отфрла тужбата на дополнителниот заменик министер Диме Спасов и истото не е сеуште конечно и правосилно и не е завршена судската постапка со оглед на тоа што правото на жалба до Вишиот Управен суд сеуште тече и против кое ќе биде поднесена жалба до Вишиот Управен Суд. Ја информираме техничката министерка дека судските постапки завршуваат откако ќе се искористат сите правни лекови дури тогаш одлуките на судот стануваат правосилни, посочува Спасов.

Тој додава дека Ременски сеуште не и дава одговор на јавноста зошто не ги спроведува 14те судски решенија кои се правосилни и не и’ даде одговор на јавноста за грубата партизација на институциите под министерството за труд и социјална политика која се врши изминатите четири месеци.

Сакам да ја информирам јавноста дека и насловот од соопштението за прес-конференцијата на техничката министерска Фросина Ременски е неточен и манипулативен и води до заблуда односно лажно се информира и наведува јавноста дека судот  ги отфрли тужбите и времените мерки од дополнителниот заменик министер Диме Спасов како беспредметни при што ова не е вистина односно не се работи за повеќе тужби туку само за една тужба е отфрлена и ова решение на Управниот суд воопшто не е правосилно односно судската постапка не е завршена и ќе биде поднесена жалба до Вишиот Управен суд.

Техничката министерка за труд и социјална политика,  Фросина Ташевска Ременски  на денешната прес конференција покажа страв и паника од последиците со кои се соочува од своето незаконско работење. Ја разбирам нејзината потреба од лажен триумфализам и затскривање позади нецелосни информации но јавноста има право да ги знае сите факти за одговорноста на Ташевска Ременски за нејзиното несовесно и незаконско работење како и грубото партизирање на институциите, истакна Спасов.