Цените на акциите пораснаа на Волстрит во средата, најмногу во технолошкиот сектор, додека надежите за остро намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка избледеа по новиот извештај за инфлацијата во САД.
Индексот Dow Jones зајакна 0,31 отсто, на 40.861 поени, додека S&P 500 порасна за 1,07 отсто, на 5.554 поени, а индексот Nasdaq порасна за 2,17 отсто, на 17.395 поени.
На самиот почеток од вчерашното тргување на најголемата светска берза преовладуваше претпазливост, бидејќи по извештајот за инфлацијата во САД згаснаа надежите за нагло намалување на каматите. Имено, потрошувачките цени во август пораснале за 0,2 отсто на месечно ниво, очекувано, но основната стапка на раст на цените, без цените на енергијата и храната, пораснале повеќе од очекуваното – за 0,3 отсто.
Овие податоци не го променија уверувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во септември, по неколкугодишна рестриктивна монетарна политика. Но, сега е речиси сигурно дека Fed ќе ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, а не, како што некои се надеваа, за 0,50 процентни поени.
Поради ова, на почетокот на тргувањето и технолошкиот сектор беше во минус. Сепак, до крајот на тргувањето, индексот S&P 500 на тој сектор силно порасна, завршувајќи ја трговската сесија со добивка од 3,3 отсто. Тоа најмногу се должи на скокот на цената на акциите на „Nvidia“ за 8 отсто, по веста дека американските власти би можеле да дозволат извоз на напредните чипови на компанијата во Саудиска Арабија.
Од 11 најважни сектори на индексот S&P 500, вчера цените на акциите пораснаа во шест, а во пет паднаа.
И на европските берзи вчера претпазливо се тргуваше. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,15 отсто, на 8.193 поени, а париски CAC за 0,14 отсто, на 7.396 поени. Франкфуртски DAX зајакна, пак, за 0,35 отсто, на 18.330 поени.