„Теламон“од САД инвестира во втор производствен погон, можност за нови 300 вработувања

Компанијата „Теламон – Европа“ денес го претстави новиот, втор производствен погон со површина од 2.200 метри квадратни во кој се планира инсталирање на два дополнителни центри за кримпирање на кабли. Овој деловен потег претставува дел од инвестицискиот план за експанзија на „Теламон – Европа“, фирма ќерка на американската корпорација „Теламон“ (Telamon Corporation), со седиште во Индијана, САД.

Според динамиката за работа, најдоцна до крајот на јуни 2023 година во новиот производствен погон ќе биде инсталирана и ставена во функција линија за склопување делови за автомобилската индустрија.

Овој чекор креира потенцијал за отворање на нови 300 работни места. Инвестицијата значи зголемување на капацитетот на производството на „Теламон – Европа“ на 10 милиони единици, планирани до крајот на 2023 година. Покрај најавената нова линија, која се очекува да започне со функционирање до крајот на месецот, планирана е и конфигурација на втора производна линија која ќе биде оперативна најдоцна до септември 2023 година.