
Македонскиот премиер Зоран Заев во неделата имаше телефонски разговор со бугарскиот колега Бојко Борисов кому прво му посака добро здравје и брзо опоравување од коронавирусот, на што Борисов информираше дека се чувствува многу подобро и дека здравствената состојба му е стабилна, информираат од владината служба за односи со јавноста.
Во телефонскиот разговор премиерите размениле информации околу подготовките за претстојниот самит во Софија во рамки на Берлинскиот процес и договорија уште еден телефонски разговор за утрешниот ден на кој ќе биде донесена одлука дали состанокот на премиерите на земјите од Западен Балкан во рамки на Самитот во вторник ќе се одржи со физичко присуство во Софија или целосно онлајн.
Заев и Борисов изразиле меѓусебно уверување дека ќе продолжат да разговараат и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции.