Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска имаше телефонски разговор со новиот министерот за надворешни работи на Естонија, Урмас Реинсалу и притоа изрази задоволство од билатералните односи меѓу двете земји и ја реафирмира заложбата за развој на соработката, особено во сферата на дигитализација, користејќи го естонското искуство за модернизација и дигитализација.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, во фокусот на разговорите беше иднината на процесот на проширување на Европската Унија во светло на почетокот на преговорите со Република Северна Македонијa.
Министерот Османи се заблагодари за континуираната и силна поддршка од Естонија, потенцирајќи ја историската важност од одржувањето на Првата Меѓувладина Конференција во Брисел, што претставува ново поглавје во односите со Европската Унија.
Во телефонскиот разговор министерот го информирал естонскиот колега и за идните чекори и реформи кои престојат во Северна Македонија, а се поврзани со текот на преговорите и унапредувањето на добрососедските односи.
Министерот Реинсалу, како што се наведува во соопштението, оддаде признание за носењето храбри одлуки за изнаоѓање решение за придвижување на европскиот процес и потврдување на европската иднина на нашата држава. Дополнително, ја реафирмира естонската поддршка на нашите евроинтеграции.
-Беше поздравено нашето сојузништвото во НАТО, со посебен акцент на последиците врз Европа предизвикани од руската агресија врз Украина, како и за улогата на Балтичките земји во сочувување на стабилноста и безбедноста на европскиот континент, се посочува во соопштението од МНР.
За време на разговорот биле разменети и мислења околу идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ следната година, како и други актуелни прашања од доменот на надворешната политика.