Телефонски разговори на началникот на генералштабот на Русија со колегите од Британија и САД

Началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов имал телефонски разговори со британскиот колега по должност Тони Радкин и со американскиот Марк Мили за ситуацијата во Украина и заканата за провокација од страна на Киев со ткн „валкана бомба“, соопштено е во понеделникот.

„Воените челници беа согласни за важност од одржување на отворените канали за комуникација меѓу Обединетото Кралство и Русија за да се избегне ризикот од погрешна пресметка и да се олесни деескалацијата“, се вели во кусото соопштение на британското министерство за одбрана.

Минатиот четврток британскиот министер за одбрана Бен Волас, пред пратеници во парламентот потврди дека руски борбен авион истрелал проектил во близина на британски авиони кој патролирал во меѓународниот воздушен простор над Црното Море, а инцидентот се случил на 29-ти септември.

Волас притоа рече дека британските воздухопловни сили ги запреле патролирањата по инцидентот и дека му ја изразил својата загриженост на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Руската страна одговорила дека станувало збор за техничка грешка, а Волас објави дека Велика Британија сега продолжила со патролите.

Додаде дека инцидентот не го смета за намерна ескалација.

„Не го сметаме тоа за намерна ескалација од страна на Русија, нашата анализа потврди дека станува збор за технички проблем. Меѓутоа, тоа беше потсетник колку нештата може да бидат опасни кога ќе решите своите ловци да ги користите на начин на кои тоа Русите го правеа во текот на долги временски периоди“, рече Волас.

Во понеделникот од Лондон објавија дека Радкин му го кажал на Герасимов дека британската страна ќе продолжи со воената поддршка на Украина.

Истовремено руското министерство за одбрана соопшти дека Герасимов во разговорот со американскиот колега Мили го предупредил за „веродостојните сознанија“ на Москва дека е многу веројатна провокација од страна на Киев со употреба на ткн „валкана бомба“, за што треба да биде обвинета Русија.

„Началникот на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација – првиот заменик на министерот за одбрана, генералот Валериј Герасимов одржа телефонски разговор со шефот на Комитетот на началниците на вооружените сили на САД, генерал Марк Мили. Во текот на разговорот, продолжи разговорот со американската страна за ситуацијата поврзана со евентуална употреба на ‘валкана бомба’ од страна на Украина“, соопштија од Москва без дополнителни поединости.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Шојги во неделата имаше телефонски разговори на темата „валкана бомба“ со колегите од САД, Велика Британија, Франција и Турција. Западните земји го отфрлаат предупредувањето на Москва за украинските акции кои според неа може да доведе до „неконтролирана ескалација“ на ситуацијата во Украина. Украинскиот претседател Владимир Зеленски во неделата изјави дека „нуклеарно оружје во Европа може да употреби само Русија“, исто така, отфрлајќи ги предупредувањата од Москва.

Во понеделникот руското министерство за надворешни работи ги повтори предупредувањата за сознанијата добиени и проверени од повеќе извори од странство, дека претставници на кабинетот на Зеленски подолго време соработуваат со британски претставници околу провокација со која треба да биде обвинета Русија за наводно користење нуклеарно оружје со мала моќност, притоа посочувајќи на невистините извештаи за наводно напредување на украинските единици на боиштето.

Истовремено на брифинг за новинарите во Москва, рускиот генерал-полковник Игор Кирилов, началник на руските војски за радијациска, хемиска и биолошка заштита посочи дека „според информациите коишто ги поседуваме, две украински институции имаат конкретни упатства за создавање на ткн валкана бомба. Работите се наоѓаат во завршна фаза“.