Телохранителите на Заев од „Код Секјурити Груп“ над законот

Агенцијата за обезбедување „Код Секјурити Груп“ од Струмица, во која се вработени полицајци од обезбедувањето на премиерот Зоран Заев, работи на диво бидејќи МВР не им издало дозвола за работа. Од она што можевме да го забележиме вчера низ Струмица, агенцијата обезбедува  мобиларници, кафулиња, пицерии, бутици, дискотеки… На сите објекти кои се под нивна заштита стојат залепени етикети со нивното лого.

Како што пред две недели објави НетПрес, „Код Секјурити Груп“ ДОО Струмица е најновата агенција за обезбедување под контрола на СДСМ, а во која се директно инволвирани вработени во Шестата управа на МВР.

Ве известуваме дека Министерството за внатрешни работи нема издадено дозвола за приватно обезбедување во вид на давање на услуги-физичко обезбедување на правното лице – Друштво за обезбедување на имот и лица „Код Секјурити Груп“ ДОО Струмица, стои во одговорот на МВР.

Сепак, од министерството не добивме одговор на прашањето дали Александар Трајков, познат во јавноста како телохранителот на Заев, кој го придружуваше и пред да стане премиер, потоа Николчо Колев и Стево Трајков, и двајцата исто така обезбедување на претседателот на СДСМ се вработени во полицијата. Александар Трајков, неофицијално, не е повеќе вработен во МВР, но не е познато дали бил кога била основана агенцијата во јули годинава.

Пред една недела од Комората на РМ за приватно обезбедување за НетПрес изјавија дека „Код Секјурити Груп“ не е член на комората, односно дека во нивната евиденција на правни лица на кои им е издадена односно одземена дозволата за обезбедување нема податоци за агенција за обезбедување „Код Секјурити Груп“ ДОО Струмица.

Според Законот за приватното обезбедување, дозвола за работа на агенциите им издава МВР, а сите правни лица кои дејноста приватно обезбедување ја вршат во вид на давање на услуги се здружуваат во Комората заради заштита и унапредување на стручноста, професионалноста и деловноста и заради заштита на професијата.

Од ова произлегува дека „Код Секјурити Груп“ работел, или се уште работи на диво, па практично работите за кои биле ангажирани, односно наплатиле за нивните услуги претставуваат класичен рекет.

 

Од друга страна, спорен е и ангажманот на полицајците во агенцијата, што е спротивно на Правилникот за  работите и дејностите што се во судир со полициските работи. Тројцата се основачи на агенцијата, а на неколку фотографии на „Код Секјурити Груп“ објавени на социјалните мрежи, се гледа дека заедно со останатите вработени се во работните униформи, односно маички со логото на агенцијата.

Заедно со тројцата полицајци, како основач и вработен во агенцијата се јавува и струмичанецот Лазо Котуровиќ викан Д’лгиот, своевремено дел од личното обезбедување на Заев. Тој е повеќе пати осудуван за различни кривични дела, така што е незаконски и неговиот ангажман во „Код Секјурити Груп“. Според Законот за приватно обезбедување, лиценца не може да добие лице кое е осудено со правосилна судска пресуда или против него се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност. И тој заедно со двајцата Трајкови и Колев е на фотографиите, на кои зазема и централно место, но кои за кратко време потоа беа избришани од лицето кое ги објави.