
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски денеска го презентираше отчетот за сработеното во првата година од неговиот мандат.
Една година е релативно кратко време за да можe да се зборува за комплетно сменет лик на општината, но сепак е доволен период за да говориме за конкретни резултати. За повеќе завршени проекти, за уште поголем број на отпочнати проекти на кои во моментов активно се работи, за трасирање на патот за решавање на заостанатите проблеми за кои е недозволиво да постојат во 21-виот век, посочи Темелковски.
Според презентираното ова се дел од реализираните проекти во општината:
-Со донација на Цементарница Усје, извршено е поставување на комплетна енергетско ефикасна фасада на ОУ Кирил Пејчиновиќ, со што ова училиште е комплетно енергетски обновен објект. Општина Кисела Вода тука ја реконструираше и спортската сала, отвори сензорна соба за ученици со посебни потреби, беа заменети и радијаторите, а беше обележано и спортското игралиште.
–Заврши поставувањето на енергетска фасада на ОУ “Кузман Шапкарев” на површина од 3.141 м2. Средствата беа обезбедени како донација од Цементарница Усје. Во моментов, во ова училиште Општина Кисела Вода работи на замена на дел од кровната конструкција.
– Во ООУ „ Св.Климент Охридски“, во завршна фаза е реконструкцијата на спортската сала
– Во соработка со Министерството за образование и ИППР Кина, Општина Кисела Вода продолжува со реализација на проектот за изградба на нова училишна фискултурна сала во состав на ОУ “Рајко Жинзифов”.
– Ги наградивме најталентираните 30 ученици од областа на уметноста, науката и културата, а беше доделена и една групна награда. Награди добија и најдобрите наставници од сите основни училишта на територија на општината. Сакам да нагласам дека оваа пракса ќе продолжи се до крајот на мојот мандат.
– Општина Кисела Вода за првпат во сите основни училишта кои се под нејзина надлежност ги презеде трошоците за физичко и патролно обезбедување на учениците и објектите
-Во сите објекти на ЈДГ „Весели Цветови“ набавивме прочистувачи на воздух и мебел, нови играчки и дидактички материјали. Во објектот Сончоглед беа варосани ѕидовите во занималните и ходниците и поставени нови плочки. Во објектот Мимоза- беа варосани кујната, салата и ходниците, а во објектот Синоличка-варосување на ѕидови во занимални и ходници и санирање на пукнатини на таваните.
-Прочистувачи на воздух добија и поеќе објекти од ЈДГ „8 Март“. Беше извршена набавка на мебел, на кујнска опрема, ситен инвентар, теписони, косилки за сите објекти во ЈДГ 8-ми Март.
-Во насока на подигнување на безбедноста на учениците обележана е хоризонтална сигнализација-пешачки премини во близина на училиштата и градинките.
-Реализиран е проектот „Рехабилитација на улицата Сердарот”, за што, по апликацијата на Општина Кисела Вода и беа одобрени средства од ЕУ ИПА грантот за рурална инфраструктура, во висина од 120.000 евра. Реализацијата на проектот е преку проектот на Светска Банка, а за целосно заокружување на финансиската конструкција, од буџетот на Општина Кисела Вода за 2018 година беа обезбедени дополнителни 2.450.000 денари. На оваа улица, од страна на Општината, беа поставени и нови тротоари.
-Санација на улицата Саса, крак 32, во должина од преку еден километар
– Асфалтирани повеќе улици во Стакларница, во село Усје и во селото Драчево
Санација на улиците Локов и Пушкинова, дел од улица Христо Татарчев, крак 24 во населбата Припор. Крпење на ударни дупки, како и улиците Киро Фетак, Јабланица, ул. 1438, Козјак , ул. 1519, ул. 1510.
-Почната е реконструкција на коловозот и тротоарите на улицата Рилски конгрес во населбата Црниче. Во населбата Пинтија се реконструираше и се поплочува со павер елементи, крак на улицата Саса 2. Се изврши реконструкција и санација со павер елементи на улици и тротоари во селото Драчево, конкретно на улиците Сердарот, крак 1, крак 2, 3, 4, 5 и 6, како и крак од улицата Иван Хаџиниколов. Во населбата Драчево, пак, со вакви зафати беа опфатени краците 1, 2, 3, 4 и 4а од улицата Киро Фетак, како и на кракот 1 од улицата Малешевска. Воедно, во населбата Пинтија се изврши санација на оштетен дел од плато пред црката Свети Еремија, а изведен беше и потпорен ѕид во населбата Усје. Подготвителни работи за потпорен ѕид се извршија и на улицата Христо Татарчев крак 14 во населбата Припор.
–На повеќе локации е поставена нова урбана опрема.
-Реконструкција на водоводната мрежа во селото Драчево, на потегот од Порупи до манастирот Св. Руса на Пеленица, со што после 12 години манастирот доби вода.
-400 семејства со новороденче добија ваучери од Општина Кисела Вода.
-За социјално загрозените жители на општината, поделено е огревно дрво во вредност од 1 милион денари.
-Поставени бесплатни безжични интернет зони на повеќе локации…