Температурите ќе бидат уште повисоки, а УВ индексот ќе биде екстремен

Територијата на нашата држава е под влијание на врел бран кој продира од северните предели на Африка и условува многу топло време, односно многу високи температури на воздухот.

Во текот на вчерашниот ден на повеќе места температурите на воздухот надминаа 30 степени, најтопло беше во Гевгелија каде температурата на воздухот се искачи до 36 степени. Денеска ќе биде уште потопло, па така до крајот на денов максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 29 до 38 степени. Слични температури ќе имаме и во текот на следните неколку денови, што значи и понатаму ќе продолжи продорот на многу топол воздух од северните предели на Африка кон нашата држава.

Во вакви услови, УВ индексот ќе има многу висока до екстремна вредност и ќе има коефициент некаде од 9 до 10. Затоа граѓаните да се држат на препораките, односно доколку излегуваат задолжително со себе да понесат заштитна опрема (капа и наочари за сонце), исто така да се конзумираат и што повеќе течности, особено вода.