Темпирана бомба на Балканот

Деновиве една тема силно ја разбранува Македонската јавност. Тоа е барањето на официјалните Бугарски власти да се избрише Македонскиот јазик и да се користи терминот – официјален јазик на Република Северна Македонија, како услов за отварање на процесот на преговори со ЕУ.

Што да каже човек на ваква глупост?!

Ако е дојдено до таму, започнувањето на преговорите и влезот на Македонија во ЕУ да зависи од тоа дали колективно ќе не обезличат и од Македонци ќе не прогласат за Бугари, или ќе креираат некаква нова вештачка нација (северно македонска?!), тогаш Европска Унијо врви си со здравје.

За нас Македонците, отсекогаш во историски контекст гледано, со генерации наназад синоним за губитник од секогаш била политиката на официјална Софија, пословично секогаш биле на погрешната страна во историјата, а за хроничен должник пословично се зборувало и се зборува за Грција.

Сега, заради погубните и велепредавнички политики на Заев и Димитров, треба ние да си ја менуваме историјата, да го применуваме сопствениот јазик и да се именуваме со името на тие што цел живот не’ негирале, не’ презирале, ни се потсмевале и сето тоа како услов за почеток на преговори со ЕУ?!

Ако на ЕУ не и јасен коренот на проблемот што го имаат Грција и Бугарија со нас, тогаш нам не ни е местото во тоа расипано друштво.

Суштината на Балканскиот и Европски проблем е сеуште не решеното или подобро кажано лошо решеното Македонско прашање. Ниту Балканот, ниту Европа ќе бидат мирни со измислување на глупави решенија за т.н. проблеми што ги имаат Грција и Бугарија со Македонија, бидејќи нивниот немир доаѓа оттаму што некој на маса во Букурешт им подарил нешто што не е нивно, што не им припаѓа, а не дека Република Македонија е каква било, реална опасност за нив. Ваквиот пристап на Европа и светот воопшто не значи ништо друго освен инсталирање на темпирана бомба која без најава може да експлодира, особено што апетитите на Бугарската и Грчката политика се неразумни, нецивилизирани, ирационални и навредливи за Македонија и за Македонците.

Но, таквата нивна ирационалност не е случајна, таа е поттикната со перманентното „виткање кичма“ од страна на Македонските безр’бетници и безр’бетната Македонска дипломатија.

Тие за само три години направија велепредавство на Македонската држава и нација, за што не историјата, туку ние тука и сега треба да им судиме.

Фашизоидни се барањата на официјалната Бугарска и Грчка политика работите да не смееме да ги именуваме со вистинското име, фашистички се обидите да ни биде променета менталната матрица и да ни биде инсталиран туѓ генетски код, да ни се наметнат вредности кои од секогаш ни биле туѓи и не прифатливи. Тоа е најстрашната форма на геноцид врз еден народ со свој јазик, со своја историја, со своја културна посебност, пострашна и од едноставната физичка ликвидација.

Ако сево ова на Европа не и’ е јасно, тогаш таквото друштво нам не ни прилега, бидејќи размислуваме и се однесуваме традиционално. Ние сеуште на бракот гледаме како на заедница меѓу жена и маж; се уште познаваме два пола; во име на слободата никому ништо не спориме, но не прифаќаме да славиме, да се воодушевуваме и величаме нешто што природно не ни прилега, бидејќи ние се уште сме народ што негува традиционални вредности.

За крај, колку побргу Европа, а особено елитите во Бугарија и во Грција разберат како пословично се доживуваат, во Република Македонија, колку побргу ја прифатат реалноста и покажат подготвеност за искрена соработка, толку ќе биде подобро за регионот и за Европа воопшто.

Во спротивно, ефектот ќе биде поразителен за сите и сите ќе бидеме губитници на долг рок. Евроскептицизмот дополнително ќе се зголеми, а поимувањето за губитничката политика на Бугарија и задолженоста како Грчка и натаму пословично ќе останат во свеста и не само на Македонецот.

Автор: Воислав Зафировски за НетПрес