Работодавците во САД го забавија вработувањето во април, отворајќи приближно за четвртина помалку нови работни места од месечниот просек во претходните 12 месеци, покажаа првите проценки на Министерството за труд во петокот.
Работодавците во најголемата светска економија нето отвориле 175.000 нови работни места во април, пресметало Министерството, по 315.000 отворени во март и 236.000 во февруари, според ревидираните податоци.
Тоа значи дека во пресрет на пролетта се отворени 22.000 работни места помалку од претходните проценки. Според министерството, во 12-те месеци до април, во просек, месечно биле 242.000 нови работни места.
Најмногу во април вработиле работодавачите во секторите здравство, социјална заштита, транспорт и складирање, со речиси 110.000 новоотворени работни места.
Нето од приватниот сектор отвори 167.000 нови работни места, а државата само 8.000, што е значително помалку од месечниот просек во изминатата година, кој е 55.000, покажуваат податоците на Министерството.
Стапката на невработеност во април изнесуваше 3,9 отсто и е за 0,1 процентен поен повисока од март, со благо зголемен број на невработени, од околу 6,5 милиони. Од август 2023 година, стапката на невработеност беше во тесен опсег, од 3,7 до 3,9 отсто, потсетува Министерството.
Просечната саатница за вработените се зголеми за 0,2 отсто од март на 34,75 долари. Во однос на истиот месец лани е зголемена за 3,9 отсто, се вели во извештајот на Министерството за труд.