Дарко Димовски денеска официјално ја презема функцијата претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Димовски на прес-конференција објави дека Централниот регистар го спровел решението на Министерствто за труд и социјална политика со кое тој е овластено лице за застапување на ССМ.
– Од денес започнува ново поглавје на синдикализмот во Македонија со кое ќе се врати достоинството на работниците и сите работници без разлика дали се или не се членови на ССМ ќе можат да ги остварат своите права, рече Димовски, потенцирајќи дека чекал десет месеци Централниот регистар да го спроведе решението на МТСП.
Официјалното примопредавање со досегашниот претседател на ССМ Живко Митревски е договорено за 15 часот попладне.
Димовски утрово се обидел да ја преземе функцијата од Живко Митревски, но на влезната врата обезбедувањето не му дозволило да влезе. Епилог од тоа се турканици и скршеното стакло на влезната врата на ССМ. По еден час од инцидентот, Митревски замолил да му се даде рок од неколку часа да ги собере своите работи.