Тензии, барикади и сирени за тревога на Косово

По најавата на Приштина дека од утре ќе почне примената на одлуката за пререгистрација на возила и лични карти, граѓани од северот на Косово на неколку локации во северно Косово поставиле барикади, јавуваат во неделата медиумите.

Косовската полиција го блокирала административниот премин Брњак кон Србија пренесува порталот на дневниот весник Вечерње новости.

„По 18,15 часот косовските полицајци го затворија административниот премин Брњак блокирајќи го движењето на возилата, патниците и стоките преку премин од територијата на покраината“, се наведува во информацијата на весникот.

Истовремено српското министерство за одбрана официјално ги демантираше шпекулациите дека српската војска навлегла во поранешна српска јужна покраина Косово и Метохија која во 2008 година со поддршка на САД и нивните сојузници еднострано прогласи независност. Официјален Белград апелираше да не се шират дезинформации и страв меѓу населението.

Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион, Бесим Хоти, за порталот Kosevinfo потврдил дека има блокада во Зубин Поток кај Вараге и во Рударе.

„Имаше блокада на патот во Зубин Поток кај Вараге и во Рударе. Наводно се раширила лажна вест дека општината ќе биде блокирана од специјални единици, што апсолутно не е точно и нема таква намера“, изјавил Хоти.

Очевидци од северот на Косово претходно за N1 изјавија дека граѓаните се собираат кај крстот во селото Рударе во општина Звечанњ.

Претходно околу 18 часот сирени се огласија во северниот српски дел на Косовска Митровица. Во меѓувреме сирени се слушнале и во Зубин Поток. КФОР соопшти дека „ја следи ситуацијата и собира податоци“.

„Во врска со сирените за тревога кои непрекинато се слушаат во северниот дел на Косовска Митровица, КФОР ја следи ситуацијата и моментално собира информации“, соопштија од штабот на КФОР.

Новинарката од Косовска Митровица, Ана Марија Ивковиќ, изјави дека косовската полиција официјално потврдила дека граѓаните поставиле барикади на две места кај Вараге и во Рударе. На тие места блокирани се патишта и има граѓани и механизација, а засега состојбата е мирна.

Ивковиќ за N1 рече дека никој не може со сигурност да каже која е причината за сирените кои сè уште се слушаат.