Тензии со мигранти, засилено обезбедување на државната граница (ВИДЕО)

По информациите дека стотици мигранти од бегалскиот камп во Солун се упатиле кон границата со Македонија, надлежните велат дека ситуацијата е под контрола и дека земјава е подготвена да се справи со евентуален предизвик од нов бран на мигранти.

– Преку посебни планови веќе е зајакнато обезбедувањето на државната граница помеѓу Грција и Република Северна Македонија. Се работи за околу 1200 до 1500 мигранти, сега за сега колегите од Грција ја контролираат таа бројка, но секако дека ние имаме обврска да бидеме подготвени и да ја штитиме границата и евентуалната можност за влез во Република Северна Македонија, изјави ресорниот министер Оливер Спасовски, пренесе Слободна Европа.

– Во овој дел ние соработуваме со „Фронтекс” и со државите од регионот и Европската Унија и ги следиме политиките на ЕУ во делот на справувањето со мигрантската криза и нормално дека сме подготвени да одговориме на секаков предизвик кој стои пред нас, категоричен е Спасовски.

Во Грција пак полицијата одговори со шок бомби и со солзавец.

Тензиите почнаа вчера, а продолжија и денес кога 500 мигранти од еден див камп решија да ја преминат границата.

Денес изутрина група жени се обиделе да го пробијат полицискиот кордон, но не успеале во тоа, а вчерашните судири со полицијата завршија со апсење на еден Ирачанин заради давање отпор при апсење и нанесување повреда на полицаец.

Медиумите објавија дека конвојот тргнал кон границата со Македонија откако на Фејсбук била објавена лажна информација дека македонските власти ќе ја отворат границата и ќе ги пропуштат на патот, најверојатно, за Германија како крајна дестинација.