Засилувањето на македонската кошаркарска репрезентација, Џордан Теодор, замина во Маврово каде ќе му се приклучи на националниот тим на подготовките, и притоа за новинарите изјави дека „нема да биде лесно, но и оти Рим не е изграден за еден ден“
Со неговото пристигнување, сениорската репрезентација во Маврово е комплетирана, иако селекторот Јорданчо Давитков не го исклучува приклучувањето на уште неколку кошаркари каков што беше случајот со Чековски и со Тасовски.
Теодор од денеска е македонски државјанин и ќе има право да игра за нашиот национален тим.
„ Навистина сум возбуден бидејќи ова е ново искуство за мене. Првпат добивам шанса да настапувам во национален тим и морам да признам дека ги одбројував деновите до пристигнувањето овде и до приклучувањето кон тимот. Не знам многу за моите соиграчи, но имаме доволно време да се запознаеме. Мојот ’поголем брат’ Лестер Бо Мекејлеб ми беше огромна поддршка во последниот период, ми пренесе голем дел од искуството со македонската репрезентација и морам да признам дека малку беше љубоморен. Знам дека играчите се прилично млади, го познавам само Перо Антиќ против кого сум играл во турското првенство. Отприлика го познавам менталитетот на играчите’, изјави новиот македонски репрезентативец за веб страницата на МКФ.
Теодор вели дека не смее да се потцени никого во претстојните претквалификации за Светското првенство.
„Не смееме никого да потцениме на овие натпревари, бидејќи се значајни за нас и за тоа што би следело натаму. Сега ќе се обидам што побрзо да се аклиматизирам, да се поврзам со тимот и да продолжиме да напредуваме заедно. Верувам дека селекторот има план за сите нас, нам ни преостанува да дадеме сè од себе и да видиме кој каква улога ќе има на теренот. Нема да биде лесно, но знаете Рим не е изграден за еден ден’, истакна Џордан Теодор пред заминувањето за Маврово.
По подготовките во Маврово, сениорите ќе се вратат накратко в Скопје, а потоа ќе заминат за Словачка против која ќе одиграат пријателски двомеч. На 15 јули во Македонија ќе гостува селекцијата на Бугарија, а неколку дена подоцна (20 – 22 јули) ќе се одржи турнирот „Трофеј Македонија“. Потоа следи гостување во Бугарија како последен пријателски натпревар пред натпреварите од претквалификациите за СП 2019.