Прекршочни пријави и парични казни за учесниците во тепачката, меѓу кои и еден од претепаните професори, е епилогот на инцидентот во гимназијата во Гостивар минатиот месец, а за кој градоначалникот Арбен Таравари обвини дека е политичко насилство од ДУИ, дознава „Нетпрес“.
Како што јавноста претходно беше информирана, во инцидентот настрадаа професорите Бејтула Камбери и Дритан Имери(38) кои биле тепани со метален боксирач, а учествувале директорот на гимназијата Џези Камбери, неговиот син В.К.(26) и Х.Ф.(35) од Гостивар.
Ве известуваме дека од страна на СВР Тетово- Полициска станица Гостивар, нарушувањето на јавниот ред и мир од 13 април 2018 година е расчистено за што се поднесени три барања за поведување на прекршочна постапка против Х.Ф.(35), В.К.(26) и Д.И.(38) по член 12 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Исто така на В.К. во доодветна постапка одземен му е пиштолот што го поседувал со дозвола, изјавија од МВР за Нетпрес.
Според Законот за прекршоци, кој на јавно место физички нападне друго лице ќе му се изрече глоба во висина од 600 до 800 евра во денарска протввредност.
Градоначалникот Таравари по инцидентот изјави дека директорот на гимназијата го предивикал инцидентот, во кој двајцата професори завршија на скопските клиники. Тој тврди дека директорот викнал двајца активисти на ДУИ, кои ги претепале професорите.
Замислете бандити на ДУИ физички нападнале, како тоа што се случува во Куманово и во Скопје, денеска се случи во Гостивар. Двајца професори кои што работат како редовни професори во Гимназија во Гостивар, се нападнати со ладно оружје. Едниот од нив моментално се наоѓа на хирургија. Замислете со каква мафија се соочуваме во Гостивар, истакна тогаш Таравари во емисијата „Топ Тема“.
Таравари посочи дека еден од напаѓачите на професорите е поранешен нарко дилер кој во затвор бил 3 ипол години, додека другиот од напаѓачите е син на директорот на Гимназијата.Тој рече дека полицијата наместо да реагира за вакви громорозни случаеви, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски си оди на приватни забави кај советниците во Гостивар.
Дали ние во Гостивар се соочуваме со опозициска партија или со банда, праша Таравари.
Од МВР за инцидентот информираа со две соопштенија во дневниот билтен од 14 април.
На 13.04.2018 во ПС Гостивар од гимназијата во Гостивар било пријавено дека дошло до нарушување на јавниот ред и мир со тепачка во дворот на гимназијата. Истиот ден во 19.20 часот во Полициската станица во Гостивар Џ.К. (52) пријавил дека околу 15.30 часот пред наставничкиот влез му се доближил Д.И. и започнал вербална расправија, а потоа, според неговото кажување, Д.И. го турнал.
Ова е првата информација во билтенот, а според втората, Д.И.(37) околу 22 часот во ПС Гостивар пријавил дека околу 15.40 часот телефонски бил повикан од страна на професорот Б.К.(41), кој бил на работа во гимназијата и му рекол дека вербално се расправал со директорот Џ.К.
Неколку минути подоцна му се јавил Б.К. и му рекол дека бил нападнат. Д.И отишол на паркингот позади училиштето, и го затекнал Б.К. пред влезот на спортската сала, со крв на лицето. Б.К. му кажал на Д.И. дека бил нападнат од синот на директорот, В.К.. Во тој момент, според Д.И., од училиштето излегол Џ.К., а Д.И. му се обратил со зборовите „Гледаш што му направивте на човекот“, по што почнале да се туркаат меѓу себе, а од зад грб на Д.И. му се приближил Х.Ф. и почнал да го удира, по што Д.И. се онесвестил. Д.И и Б.К. биле префрлени во Ургентен центар во Гостивар, а потоа во Клинички центар Скопје. Со овластување од јавен обвинител, извршен е увид од НК за КР Гостивар. Се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот, рекоа од МВР.
Директорот на гимназијата негираше дека учествувал во инцидентот.
Откако влегов во канцеларија, дојде Бејтула за да ме нападне, во тој момент беше професорот Адмир и вратат беше отворена. Влегоа и други професори и го извадија Бејтула надвор, од тој момент не сум го видел веќе професорот, изјави Камбери.
Од ДУИ, по инцидентот излегоа со партиско соопштение дека професор, кадар на Алијансата за Албанците го нападнал директорот и вината за инцидентот ја префрлија кај просветниот работник.