Тер Штеген мора да го оперира коленото, може да отсуствува до крајот на сезоната

Голманот на германската репрезентација и на шпанскиот фудбалски великан Барселона, Марк-Андре тер Штеген, мора да оди на операција на коленото по повредата на натпреварот против Виљареал (5:1) во неделата и поради што би можел да го пропушти остатокот од сезоната.

Тер Штеген тешко го повреди коленото на натпреварот од шпанската лига против Виљареал, а во понеделникот по извршените тестови било утврдено дека дошло до „целосно кинење на пателарната тетива“ на десното колено, се вели во соопштението на Барселона.

Шпанските медиуми пренесуваат дека опоравувањето би требало да трае до осум месеци, што значи дека германскиот голман би можел да го пропушти остатокот од сезоната.

„Тер Штеген би можел да биде надвор од терените до осум месеци“, пишува Mundo Deportivo.

Германскиот чувар на мрежата, кој игра за Барселона од летото 2014 година, а неодамна стана првиот голман на германската репрезентација, падна силно откако скокна по топката непосредно пред крајот на првиот дел и видно имаше големи болки додека беше изнесен на носилка од теренот. Потоа беше снимен како го напушта стаионот во инвалидска количка.

Овој 32-годишен фудбалер забележа 420 настапи за Барселона, при што прими 412 гола и 175 пати ја зачуваше мрежата на клубот. Во германската репрезентација одигра 42 натпревари, а сигурно ќе имаше повеќе доколку конкуренција не му беше Мануел Нојер, кој со години е прв избор во репрезентацијата.

Каталонците на тој начин се во големи проблеми на голманската позиција, бидејќи прва замена за Тер Штеген е 25-годишниот Инаки Пена, во кого Барса нема голема доверба, па се шпекулира кој од голманите слободен на пазарот би можел да ги засили Каталонците.

Така, шпанските медиуми ги издвојуваат 37-годишниот Кејлор Навас, 35-гоишниот Жорди Масип, 31-годишниот Лорис Кариус и 34-годишниот Војчех Шчесни, кој неодамна го објави завршувањето на играчката кариера и заминување од Јувентус.