Тереза Меј го потпиша писмото до ЕУ за Брегзит

Писмото е изготвено според одредбите на членот 50 од Лисабонската спогодба и на пладне ќе му биде предадено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Британската премиерка Тереза Меј го потпиша писмото со кое Велика Британија формално го известува Брисел за излез од ЕУ. Писмото е изготвено според одредбите на членот 50 од Лисабонската спогодба и на пладне ќе му биде предадено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Претходно ќе биде одржана специјална седница на Британската влада, а потоа Меј ќе им се обрати на пратениците во Долниот дом на Парламентот.

Се очекува процесот на преговарање да започне во текот на мај, или најдоцна до средината на јуни. На 29-ти април, ќе биде организиран Самит на земјите членки на ЕУ, без учество на Британија, на кој ќе биде определен мандатот на Европската комисија за преговорите со Лондон.

Во текот на мај, врз основа на мандатот добиен од 27- те членки, Европската комисија ќе ги одреди основите за кои ќе се водат преговорите со Британците.