Тереза Меј стана нов премиер на Велика Британија (ВИДЕО)

Тереза Меј денеска официјално стана нов премиер на Велика Британија, како прва жена на чело на оваа земја по Маргарет Тачер.

Таа е прагматична политичарка, која излезе „неповредена“ од хаосот предизвикан со референдумската одлука за Брегзит, претставувајќи се како лидер кој ќе ја извади земјата од ЕУ, иако официјално таа се изјасни за останување во Унијата.

Меј сега инсистира дека „Брегзит значи Брегзит“, но потенцира дека нема да започне процес за излегување пред крајот на оваа година и се додека преговарачката стратегија не биде јасна.

Пред неа следи напорна борба да ги обедини земјата и Конзервативната партија која е поделена поради референдумот. Еден од влијателните конзервативци, Кенет Кларк, своевремено ја нарече „многу тешка жена“, но таа смета дека ваквата изјава е позитивна со оглед на борбата која и претстои.

Родена е во 1956 година како Тереза Брасиер во Исбурн, приморски град во јужниот дел на Англија во семејство на англикански свештеник.

133253734

Се школувала во не многу познати државни и приватни училишта, за разлика од Дејвид Камерон и голем дел негови блиски соработници, кои оделе во познатиот Итон, но универзитетското образование го добила на Оксфорд.

Во Оксфорд го запознала и својот сопруг Филип, банкар, а наводно ги запознала починатата пакистанска премиерка Беназир Буто. Се венчале во 1980 година, но не можеле да имаат деца.

Меј работела во финансиски сектор пред да биде избрана за пратеник во 1997 година. Се борела за промена на лошиот имиџ на Конзервативната партија, а по победата на оваа партија на изборите во 2010 година е именувана за министер за внатрешни работи.

Извори наведуваат дека таа е многу вредна жена и дека доаѓа на работа три часа пред сите, не е склона на ризици и нема многу време за хоби.

Има желба да готви, оди со сопругот на одмор и носи чевли со шарен леопард, какви што имала и денеска на приемот кај кралицата Елизабета Втора, која ја именуваше за британска премиерка.

 

tereza

Велика Британија ќе игра нова улога, храбра и позитивна, надвор од ЕУ, нагласи Меј во својата прва јавна изјава по именувањето на премиерската функција од страна на кралицата Елизабета Втора, која и додели мандат за состав на нова влада.

Таа истакна дека „по референдумот Британците се наоѓаат пред период на голема национална промена“.

– Велика Британија е пред голем предизвик. Кога ќе ја напуштиме ЕУ ќе извојуваме нова, храбра и позитивна улога и ќе ја направиме Британија зема која ќе работи за секој од нас, а не за малкуте привилегирани, вети Меј.

Британската премиерка нагласи и дека ќе го зачува единствето на земјата.