Територијалниот интегритет на Украина мора да биде основа на секој мировен договор за ставање крај на војната, а дијалогот меѓу сите страни ќе биде неопходен за трајно решение на конфликтот, се наведува во завршниот документ кој го потпишаа мнозинството земји кои учествуваа на дводневниот мировен самит во близина Луцерн, Швајцарија, пренесуваат светските медиуми.
Сепак дел од клучните актери, како Индија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Тајланд, Индонезија, Мексико и Обединетите Арапски Емирати одлучија да не го потпишат коминикето, пренесе Ројтерс.
Бразил, кој на списокот на присутни беше наведен како набљудувач, на крајот, исто така, не се најде како потписник на декларацијата.
„Ние веруваме дека постигнувањето мир бара вклучување и дијалог меѓу сите страни. Ја потврдуваме нашата посветеност на принципите на суверенитет, независност и територијален интегритет на сите држави, вклучително и Украина, во нивните меѓународно признати граници“,се наведува во документот.
Во завршниот документ, исто така, се бара ослободување на сите воени заробеници преку сеопфатна размена и враќање во земјата на сите украински деца кои се депортирани и нелегално раселени.
Последното беше една од темите на кои се дискутираше на самитот, бидејќи Киев ја обвинува Русија за киднапирање на речиси 20 000 деца од источните и јужните делови на земјата кои се под контрола на Москва.
Работните групи на самитот ги разгледуваа и прашањата за глобалната безбедност на храната и нуклеарната безбедност.
„Безбедноста на храната не смее да биде оружје на било кој начин“,се наведува во декларацијата, во која се додава дека пристапот до пристаништата во Црното и Азовското Море е „критичен“ за глобалното снабдување со храна.
Земјите учеснички на самитот, исто така, повикаа Украина да ја има целосната суверена контрола на нуклеарната централа „Запорожје“.
Швајцарската престедателка, Виола Амхерд, која беше домаќин на настанот на последната прес-конференција рече дека фактот што големото мнозинство учесници се согласиле со финалниот документ покажува што може да постигне дипломатијата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги поздрави „првите чекори кон мирот“ и рече дека заедничкото коминике останува „отворено за пристап на секој што ја почитува Повелбата на Обединетите нации“, пренесува „Гардијан“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека конференцијата со право е наречена „Пат кон мирот“, бидејќи мирот нема да се постигне со еден чекор.
„Ова не беа мировни преговори бидејќи Путин не е сериозен за завршување на војната. Тој инсистира на капитулација. Тој инсистира на отстапување на украинска територија, дури и територија што денес не е окупирана од него. Тој инсистира на разоружување на Украина, оставајќи ја ранлива на идна агресија. Ниту една земја никогаш не би ги прифатила овие срамни услови“,рече Фон дер Лајен.
Потпретседателката на САД најави нови 1,5 милијарди долари помош за Украина
Во меѓувреме, додека траеја активностите на вториот ден од самитот, официјален Кремљ соопшти дека Украина треба да го „рефлектира“ повикот на рускиот претседател Владимир Путин и да ги повлече своите трупи од истокот и југот на земјата што ќе ја отвори вратата за мировни преговори, бидејќи воената ситуација за Киев се влошува, пренесе „Гардијан“.
„Сегашната динамика на ситуацијата на фронтот јасно ни покажува дека таа продолжува да се влошува за Украинците. Политичар кој ги става интерерсите на својата земја над своите и оние на неговите господари веројатно е да размисли за таков предлог“,рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека не станува збор за ултиматум, туку за „мировна иницијатива која ја зема предвид реалноста на теренот“.
Од друга страна, украинскиот претседател Зеленски и другите лидери на самитот ги отфрлија условите на Путин, што денеска ги повтори Песков, а со кои покрај повлекување на трупите од истокот и југот на земјата, од Украина се бара и да се откаже од аспирациите за членство во НАТО.
На самитот учествуваше и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која имаше и свое обраќање на денешната пленарна сесија.