Шест лица се убиени,a осуммина повредени, кога вооружен напаѓач отворил оган во џамија во градот Квебек во текот на вечерните молитви, соопштија локалните медиуми.
Еден од сведоците за Ројтерс претходно изјави дека тројца мажи почнале да пукаат кон околу 40 лица што биле во Исламскиот културен центар во Квебек. Франс прес пишува дека две маскирани лица влегле во џамијата, во која имало 60 до 100 луѓе, и почнале да пукаат.
Според полицијата двајца се уапсени, додека за еден има сомнение дека е во бегство, но ситуацијата е под контрола.
Локалните медиуми пренесуваат дека еден од напаѓачите имал калашњиков. За еден од нив се тврди дека има 27 голдини и потекнува од Квебек, но засега овие информации не се потврдени.
Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека го осудува овој „терористички напад врз муслиманите“, а дека случајот се истражува како терористички напад потврди и полицијата.