Терористот од Крајстчрч планирал уште еден напад

Началникот на новозеландската полиција, Мајк Буш денеска изрази сомнеж дека во моментот кога бил уапсен, напаѓачот, кој уби 50 лица во две џамии во Крајстчрч, бил на пат да изврши уште еден напад, пренесоа светските агенции.

Полицијата знаеше каде се упати Брентон Тарант, рече Буш. Меѓутоа, тој не даде детали за да не се попречи на истрагата.

Во манифестот од 74 страници, распространет пред нападот, десниот екстремист вели дека имал намера да изврши напади во џамии во Крајстчрч, а потоа, ако успее, и во џамии во Ешбртон, додаваат агенциите.

Началникот на новозеландската полиција истакна и дека напаѓачот бил уапсен побрзо отколку што се тврди во медиумите. Полицајците го принудиле Тарант да застане покрај патот и го уапсиле 21 минута по првиот добиен сигнал, а не, како што се појавија информации, по 36 минути.

Буш, исто така, рече дека агенти на ФБИ пристигнале во Нов Зеланд за да помогнат во истрагата.