Тешка ситуација во германската економија

Германската економија повторно се спуштила на пандемиското ниво, а во моментов нема навестувања за системско закрепнување, предупреди индустриската и стопанска комора DIHK.

„Германија е во рецесија. Спаѓаме меѓу ретките европски земји чииште економии повторно се спуштија под нивото коешто го бележевме пред пандемијата. Тоа е знак за тревога“, објави челникот на DIHK, Петер Адриан.

Ситуацијата во германската економија генерално е тешка, додава Адриан, издвојувајќи ги проблемите на средните претпријатија и несклоноста на компаниите кон вложувања.

Предупредува дека и натаму нема назнаки за системско закрепнување, прогнозирајќи „голем пад во градежниот сектор во втората половина од годината“ поради подигнатите каматни стапки и скапиот градежен материјал.

„Тоа ќе предизвика негативни последици во целата економија. Не се осмелувам да прогнозирам кога нештата повторно ќе се придвижат. Веројатно ќе бидеме среќни доколку до крајот на годината видиме нулта стапка на економскиот раст, а не минус. Но, тоа во најдобар случај значи стагнација“, потсетува Адриан.

Директорот на DIHK предупредува дека е неопходен огромен напредок за да се осигури просперитет на Германија.

Германските компании ги измачува неизвесноста, додава Адриан издвојувајќи ги меѓу примерите преминот на „зелена енергија“. Компаниите не знаат каква улога во транзицијата на обновливите избори на енергија ќе играат гасот, додека залихите на енергија не станат подостапни.

„Сѐ уште го немаме зелениот водород, ниту сигурно и евтино снабдување на компаниите со зелена електрична енергија“, појаснува челникот на DIHK.

Германија би можела уште повеќе да заостане зад меѓународната конкуренција и веќе е меѓу земјите во Европската унија со најслаби економски резултати, додава Адриан.

Германските компании сѐ почесто бараат локации надвор од Европа, во САД, Јужна Америка и Азија, главно за да ги намалат трошоците, истакнува Адриан, порачувајќи им на пратениците во Бундестагот да поведат сметка за овој тренд.

„Тоа на подолг рок води кон постепено иселување на компаниите, што, секако, влијае врз работните места во Германија. Бидејќи би можеле да ги загубиме и засекогаш“, истакнува претседателот на индустриската и стопанска комора.